2 Самоилова 3:31-39 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

31. Тогаш Давид му рече на Јоава и на сета војска што беше со него: „Раскинете ги своите облеки, облечете вреќишта и тажете за Авенира!” И царот Давид тргна по носилката.

32. Кога го закопаа Авенира во Хеврон, царот почна да плаче гласно над Авенировиот гроб, а плачеше и сиот народ.

33. Тогаш царот ја испеа оваа тажачка за Авенира: „Зар требаше да умре Авенир како што умира безумниот?

34. Твоите раце не беа врзани, твоите нозе не беа оковани. Падна како што се паѓа од злосторник!” И целиот народ почна да плаче уште повеќе над него.

35. Тогаш народот пристапи наговорувајќи го Давида да јаде додека е уште ден, ама Давид се заколна вака: „Господ нека ми направи такво зло и нека ми додаде друго зло, ако вкусам леб или нешто друго пред зајдисонце!”

36. Сиот народ го чу тоа, и му беше по волјата, како што народот одобруваше и сè друго што правеше царот.

37. Во тој ден сиот народ и сиот Израел созна дека царот не е виновен за убиството на Авенира, синот Ниров.

38. Тогаш царот им рече на своите дворјани: „Не знаете ли дека денес падна кнез и голем човек во Израел?

39. Ама јас сум сега уште слаб, иако сум помазан цар, а овие луѓе, синовите Серуини, се посилни од мене. Господ нека му плати на злосторникот според неговото злодејство!”

2 Самоилова 3