2 Самоилова 3:29-39 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

29. Нека падне врз Јоавовата глава и врз сиот негов татковски дом! Никогаш да не снема во Јоавовиот дом луѓе болни од гноење или од лепра, луѓе кои се потпираат на стап или кои паѓаат од меч, луѓе кои немаат леб!”

30. Јоав и неговиот брат Ависај го убија Авенира, зашто тој го погуби нивниот брат Асаил во бојот кај Гаваон.

31. Тогаш Давид му рече на Јоава и на сета војска што беше со него: „Раскинете ги своите облеки, облечете вреќишта и тажете за Авенира!” И царот Давид тргна по носилката.

32. Кога го закопаа Авенира во Хеврон, царот почна да плаче гласно над Авенировиот гроб, а плачеше и сиот народ.

33. Тогаш царот ја испеа оваа тажачка за Авенира: „Зар требаше да умре Авенир како што умира безумниот?

34. Твоите раце не беа врзани, твоите нозе не беа оковани. Падна како што се паѓа од злосторник!” И целиот народ почна да плаче уште повеќе над него.

35. Тогаш народот пристапи наговорувајќи го Давида да јаде додека е уште ден, ама Давид се заколна вака: „Господ нека ми направи такво зло и нека ми додаде друго зло, ако вкусам леб или нешто друго пред зајдисонце!”

36. Сиот народ го чу тоа, и му беше по волјата, како што народот одобруваше и сè друго што правеше царот.

37. Во тој ден сиот народ и сиот Израел созна дека царот не е виновен за убиството на Авенира, синот Ниров.

38. Тогаш царот им рече на своите дворјани: „Не знаете ли дека денес падна кнез и голем човек во Израел?

39. Ама јас сум сега уште слаб, иако сум помазан цар, а овие луѓе, синовите Серуини, се посилни од мене. Господ нека му плати на злосторникот според неговото злодејство!”

2 Самоилова 3