2 Самоилова 3:22-35 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

22. И ете, токму Давидовите луѓе, со Јоав, се враќаа од четување, носејќи со себе богат плен, а Авенир веќе не беше кај Давида во Хеврон, зашто Давид го беше отпуштил, та тој си отиде во мир.

23. Кога стигнаа Јоав и сета војска што одеше со него, му соопштија на Јоав дека Авенир, синот Ниров, беше дошол кај царот и дека царот го отпуштил со мир.

24. Тогаш Јоав дојде кај царот и му рече: „Што си сторил? Авенир дошол кај тебе, зошто го пушти да си оди во мир?

25. Зар не го знаеш Авенира, Нировиот син? Дојде за да те измами, за да ги научи твоите чекори, за да научи сè што правиш!”

26. Потоа Јоав излезе од кај Давида и испрати гласници по Авенира, кои што се вратија, од кладенецот Сира, а Давид не знаеше ништо за тоа.

27. Кога Авенир се врати во Хеврон, Јоав го одведе настрана зад вратата, како да сака да разговара со него насамо, и таму го рани смртно во слабините, за да се одмазди за крвта на својот брат Асаил. И тој умре.

28. Кога после Давид го чу тоа, рече: „Јас и моето царство сме невини пред Господа довека за крвта на Авенира, Нировиот син.

29. Нека падне врз Јоавовата глава и врз сиот негов татковски дом! Никогаш да не снема во Јоавовиот дом луѓе болни од гноење или од лепра, луѓе кои се потпираат на стап или кои паѓаат од меч, луѓе кои немаат леб!”

30. Јоав и неговиот брат Ависај го убија Авенира, зашто тој го погуби нивниот брат Асаил во бојот кај Гаваон.

31. Тогаш Давид му рече на Јоава и на сета војска што беше со него: „Раскинете ги своите облеки, облечете вреќишта и тажете за Авенира!” И царот Давид тргна по носилката.

32. Кога го закопаа Авенира во Хеврон, царот почна да плаче гласно над Авенировиот гроб, а плачеше и сиот народ.

33. Тогаш царот ја испеа оваа тажачка за Авенира: „Зар требаше да умре Авенир како што умира безумниот?

34. Твоите раце не беа врзани, твоите нозе не беа оковани. Падна како што се паѓа од злосторник!” И целиот народ почна да плаче уште повеќе над него.

35. Тогаш народот пристапи наговорувајќи го Давида да јаде додека е уште ден, ама Давид се заколна вака: „Господ нека ми направи такво зло и нека ми додаде друго зло, ако вкусам леб или нешто друго пред зајдисонце!”

2 Самоилова 3