2 Самоилова 24:1-9 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Уште еднаш Господовиот гнев пламна на Израелците та го поттикна Давида против нив, зборувајќи: „Оди, изброј ги Израелците и Јудејците!”

2. И царот им заповеда на Јоав и на војводите кои беа со него: „Посетете ги сите Израелеви племиња од Дан до Вирсавеа и изброите го народот, за да знам колку народ има.”

3. Јоав му одговори на царот: „Господ, твојот Бог, нека му даде на Својот народ уште стопати толку колку што го има сега, и тоа нека го види мојот господар цар, ама зошто мојот господар цар има таква желба?”

4. Ама царскиот збор беше посилен од зборовите на Јоава и на војводите на неговата војска. Така Јоав и војводите отидоа од кај царот за да го избројат Израелскиот народ.

5. Тие поминаа преку Јордан и почнаа кај Ароир и кај градот што лежи сред долината и тргнаа оттаму кон Гадците и кон Јазир.

6. Потоа дојдоа во Галад и во земјата на Хетејците, во Кадис; потоа стигнаа во Дан, а од Дан свртија спрема Сидон.

7. Потоа дојдоа до крепоста Тир, и во сите градови на Евејците и Ханаанците, и го завршија својот пат во Јудиниот Негев, во Вирсавеа.

8. Откако ја обиколија сета земја се вратија по девет месеци и дваесет денови во Ерусалим.

9. Јоав му го даде на царот пописот на народот: Израелците беа осум стотини илјади борци вешти со меч, а Јудејците пет стотини илјади луѓе.

2 Самоилова 24