2 Самоилова 24:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Уште еднаш Господовиот гнев пламна на Израелците та го поттикна Давида против нив, зборувајќи: „Оди, изброј ги Израелците и Јудејците!”

2. И царот им заповеда на Јоав и на војводите кои беа со него: „Посетете ги сите Израелеви племиња од Дан до Вирсавеа и изброите го народот, за да знам колку народ има.”

3. Јоав му одговори на царот: „Господ, твојот Бог, нека му даде на Својот народ уште стопати толку колку што го има сега, и тоа нека го види мојот господар цар, ама зошто мојот господар цар има таква желба?”

4. Ама царскиот збор беше посилен од зборовите на Јоава и на војводите на неговата војска. Така Јоав и војводите отидоа од кај царот за да го избројат Израелскиот народ.

5. Тие поминаа преку Јордан и почнаа кај Ароир и кај градот што лежи сред долината и тргнаа оттаму кон Гадците и кон Јазир.

6. Потоа дојдоа во Галад и во земјата на Хетејците, во Кадис; потоа стигнаа во Дан, а од Дан свртија спрема Сидон.

7. Потоа дојдоа до крепоста Тир, и во сите градови на Евејците и Ханаанците, и го завршија својот пат во Јудиниот Негев, во Вирсавеа.

8. Откако ја обиколија сета земја се вратија по девет месеци и дваесет денови во Ерусалим.

9. Јоав му го даде на царот пописот на народот: Израелците беа осум стотини илјади борци вешти со меч, а Јудејците пет стотини илјади луѓе.

10. Потоа Давида почна да го пече совеста зашто даде да се брои народот, па му рече на Господа: „Многу згрешив дека го направив тоа! Ама, Господи, прости му ја таа вина на својот слуга, зашто постапив крајно неразумно.”

11. Кога Давид стана наутро, Господовото слово веќе му беше дошло на пророкот Гад, Давидовиот гледач:

12. ”Оди и кажи му на Давида: ‘Вака зборува Господ: „Три нешта ставам пред тебе, избери едно од нив, да ти сторам!”‘“

2 Самоилова 24