21. А Авенир му рече: „Сврти надесно или налево па зграпчи еден од тие младци и земи му го неговото оружје!” Ама Асаил не сакаше да сврти од него.
22. Авенир му рече пак на Асаила: „Отстрани се од мене! Зошто да те составам со земјата? Како тогаш уште би смеел да излезам пред очите на твојот брат Јоав?”
23. Ама тој никако не сакаше да се отстрани. Затоа Авенир го удри со задниот дел на копјето во желудникот така што копјето му излезе низ плеќите надвор: тогаш тој падна и умре на место. И подзастануваше секој што ќе дојдеше на она место, каде што падна и умре Асаил.
24. А Јоав и Ависај продолжија да го гонат Авенира, а кога зајде сонцето, стигнаа до брежето Ама, што лежи спроти Гија, на патот кон Гаваонската Пустина.
25. Дотогаш Венијаминовите синови се собраа околу Авенира, составија дружина и застанаа на врвот на брежето Ама.
26. Тогаш Авенир му викна на Јоава: „Зар довека ќе не голта нас мечот? Не знаеш ли дека тоа ќе заврши со несреќа? Кога отпосле ќе им кажеш на своите луѓе да се откажат од гонењето на своите браќа?”
27. А Јоав одговори: „Така ми живиот Господ, да не проговореше ти, бездруго утре наутро овие луѓе ќе се откажеа од гонењето на своите браќа.”
28. Тогаш Јоав затруби во рог, и сета војска застана: прекратија да го гонат Израел и не го продолжија бојот.
29. Авенир и неговите луѓе одеа низ Араба цела онаа ноќ; потоа поминаа преку Јордан, го продолжија патот цело утро и најпосле стигнаа во Маханаим.
30. Кога Јоав се откажа од потерата по Авенира и кога ја собра целата војска, видоа дека од Давидовите луѓе нема деветнаесетмина, и Асаил покрај нив.
31. А Давидовите луѓе убија три стотини и шеесет луѓе од Венијаминовите синови, Авенирови војници.
32. Го дигнаа Асаила и го погребаа во гробот на неговиот татко во Витлеем. А Јоав и неговите луѓе одеа цела ноќ, и веќе се раздени кога стигнаа во Хеврон.