2 Самоилова 2:11-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. А Давид царуваше во Хеврон над Јудиниот дом седум години и шест месеци.

12. Потоа излезе Авенир, Нировиот син, со луѓето на Сауловиот син Исвостеј од Маханаим кон Гаваон.

13. Ама и Јоав, Серуиниот син, излезе со Давидовите луѓе од Хеврон и се сретна со нив кај Гаваонското Езеро. Таму застанаа, овие од едната страна на езерото, а оние од другата страна.

14. Тогаш Авенир му рече на Јоава: „Младците нека станат и нека се повеселат пред нас!” А Јоав одговори: „Нека станат!”

15. И станаа, па ги изброија: дванаесет од Венијамин за Исвостеј, Сауловиот син, и дванаесет од Давидовите луѓе.

16. И секој го фати својот противник за главата и му го закачи мечот во слабината, така што сите паднаа заедно. Затоа тоа место беше наречено Хелкат Асурим (Поле на Ножевите), а лежи кај Гаваон.

17. Потоа се заметна во тој ден многу жестока битка, и Давидовите чети ги разбија Авенира и Израелците.

18. А таму беа три Серуинови синови: Јоав, Ависај и Асаил; а Асаил беше брз при трчање како газела во полето.

19. И Асаил се стрча во потера по Авенира; во стапка го следеше Авенира не свртувајќи ни десно ни лево.

20. Авенир се обѕрна и праша: „Ти ли си, Асаилу?” А тој одговори: „Јас сум.”

21. А Авенир му рече: „Сврти надесно или налево па зграпчи еден од тие младци и земи му го неговото оружје!” Ама Асаил не сакаше да сврти од него.

22. Авенир му рече пак на Асаила: „Отстрани се од мене! Зошто да те составам со земјата? Како тогаш уште би смеел да излезам пред очите на твојот брат Јоав?”

2 Самоилова 2