1. Потоа Давид го праша Господа вака: „Треба ли да отидам во некој Јудин град?” А Господ му одговори: „Тргни!” Давид праша пак: „Каде да тргнам?” А одговорот беше: „Во Хеврон!”
2. Така Давид отиде таму, а со него и неговите две жени, Ахиноама од Езраел и Авигеја, Наваловата жена од Кармил.
3. И луѓето кои беа со Давида отидоа со него, и се населија во гратчињата на Хеврон.
4. Тогаш дојдоа луѓе од Јуда и го помазаа таму Давида за цар над Јудиниот дом. Тогаш му јавија на Давида дека луѓето од Јавис во Галад го погребаа Саула.
5. Тогаш Давид испрати гласници кај Јависците во Галад и им порача: „Бидете благословени од Господа зашто го направивте тоа дело на љубов кон својот господар Саул и зашто го закопавте!
6. Затоа Господ нека ви ги искаже Својата милост и добрина, а и јас ќе ви направам добро затоа што направивте така.
7. А сега охрабрете се и бидете јунаци, зашто Саул, вашиот господар загина, а мене Јудиниот дом ме помаза за свој цар.”
8. Ама Авенир, Нировиот син, војвода на Сауловата војска, го зеде Сауловиот син Исвостеј и го доведе во Маханаим.
9. Таму го постави за цар над Галад, над Асур, над Езраел, над Ефрем, над Венијамин и над сиот Израел.
10. Но Исвостеј, Сауловиот син, беше на четириесет години кога стана цар над Израел, а царуваше две години. Само Јудиниот дом го следеше Давида.
11. А Давид царуваше во Хеврон над Јудиниот дом седум години и шест месеци.
12. Потоа излезе Авенир, Нировиот син, со луѓето на Сауловиот син Исвостеј од Маханаим кон Гаваон.
13. Ама и Јоав, Серуиниот син, излезе со Давидовите луѓе од Хеврон и се сретна со нив кај Гаваонското Езеро. Таму застанаа, овие од едната страна на езерото, а оние од другата страна.