2 Самоилова 19:8-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. Царот стана и седна при вратата. Му го јавија тоа на сиот народ, говорејќи: „Ене, царот седи при вратата.” И целиот народ дојде пред лицето на царот (кај вратата). А Израелците се разбегаа секој во својот шатор.

9. И сиот народ по сите Израелеви племиња се препираше, говорејќи: „Царот нè избави од рацете на нашите непријатели, тој нè избави од филистејските раце, а сега требаше да побегне од земјата пред Авесалома.

10. А Авесалом кого го помазавме за цар загина во бојот. И така, зошто се двоумите да го доведете царот назад?”

11. Зашто зборовите на сиот Израел стигнаа до царот и до неговата куќа. Затоа царот им порача на свештениците Садок и Авијатар: „Кажете им на јудејските старешини вака: ‘Зошто вие да бидете последни кои ќе го доведат царот во неговата куќа?

12. Вие сте мои браќа, вие сте од моето месо и од моите коски. И така, зошто да бидете последни кои ќе го вратат царот?’

13. Речете му и на Амаса: ‘Не си ли ти од моите коски и од моето месо? Господ нека ми стори зло и нека ми додаде друго ако не ми бидеш војвода засекогаш над мојата војска место Јоава!’”

14. Тогаш сите луѓе на Јудиниот род се сложија како еден човек и му порачаа на царот: „Врати се со сите свои слуги!”

15. И така царот се врати и дојде до Јордан, а Јудејците беа стигнале до Галгал доаѓајќи му во пресрет на царот, за да го придружуваат царот при преминот преку Јордан.

16. Тогаш побрза и Симеј, синот Гирин, Венијаминец од Ваурим, и слезе со Јудејците во пресрет на царот Давид.

17. Имаше со себе илјада луѓе од Венијаминовото племе. И Сива, слугата на Сауловиот дом, со своите петнаесет синови и со своите дваесет слуги, дојде до Јордан пред царот.

18. Добродија сплав за да ги превозат царските синови и за да направат сè што би му било мило. А Гериниот син Симеј се фрли пред нозете на царот кога царот сакаше да помине преку Јордан;

19. и му рече на царот: „Мојот господар нека не ми припишува грев! Не спомнувај си за злото што ти го направи твојот слуга во оној ден кога мојот господар и цар излегуваше од Ерусалим. Царот нека не го зема тоа при срце!

20. Твојот слуга гледа дека згрешил; затоа, еве, дојдов денес прв од сиот Јосифов дом за да му излезам во пресрет на својот господар и цар.”

2 Самоилова 19