7. Затоа сега стани, излези и проговори им љубезно на своите војници; зашто, ти се колнам во Господа, ако не излезеш, ниеден човек не ќе остане со тебе ноќеска, и тоа ќе ти биде поголема несреќа од сите што те нашле од твојата младост па досега.”
8. Царот стана и седна при вратата. Му го јавија тоа на сиот народ, говорејќи: „Ене, царот седи при вратата.” И целиот народ дојде пред лицето на царот (кај вратата). А Израелците се разбегаа секој во својот шатор.
9. И сиот народ по сите Израелеви племиња се препираше, говорејќи: „Царот нè избави од рацете на нашите непријатели, тој нè избави од филистејските раце, а сега требаше да побегне од земјата пред Авесалома.
10. А Авесалом кого го помазавме за цар загина во бојот. И така, зошто се двоумите да го доведете царот назад?”
11. Зашто зборовите на сиот Израел стигнаа до царот и до неговата куќа. Затоа царот им порача на свештениците Садок и Авијатар: „Кажете им на јудејските старешини вака: ‘Зошто вие да бидете последни кои ќе го доведат царот во неговата куќа?
12. Вие сте мои браќа, вие сте од моето месо и од моите коски. И така, зошто да бидете последни кои ќе го вратат царот?’
13. Речете му и на Амаса: ‘Не си ли ти од моите коски и од моето месо? Господ нека ми стори зло и нека ми додаде друго ако не ми бидеш војвода засекогаш над мојата војска место Јоава!’”
14. Тогаш сите луѓе на Јудиниот род се сложија како еден човек и му порачаа на царот: „Врати се со сите свои слуги!”
15. И така царот се врати и дојде до Јордан, а Јудејците беа стигнале до Галгал доаѓајќи му во пресрет на царот, за да го придружуваат царот при преминот преку Јордан.
16. Тогаш побрза и Симеј, синот Гирин, Венијаминец од Ваурим, и слезе со Јудејците во пресрет на царот Давид.
17. Имаше со себе илјада луѓе од Венијаминовото племе. И Сива, слугата на Сауловиот дом, со своите петнаесет синови и со своите дваесет слуги, дојде до Јордан пред царот.
18. Добродија сплав за да ги превозат царските синови и за да направат сè што би му било мило. А Гериниот син Симеј се фрли пред нозете на царот кога царот сакаше да помине преку Јордан;
19. и му рече на царот: „Мојот господар нека не ми припишува грев! Не спомнувај си за злото што ти го направи твојот слуга во оној ден кога мојот господар и цар излегуваше од Ерусалим. Царот нека не го зема тоа при срце!
20. Твојот слуга гледа дека згрешил; затоа, еве, дојдов денес прв од сиот Јосифов дом за да му излезам во пресрет на својот господар и цар.”
21. Ама Серуиниот син Ависај проговори и рече: „Зар Симеј не заслужува смрт што го проколнуваше Господовиот помазаник?”
22. А Давид одговори: „Што имам јас со вас, Серуини синови, та ме воведувате денес во искушение? Зар би можел денес некој да биде погубен во Израел? Та сега знам дека сум денес пак цар над Израел.”
23. Тогаш царот му рече на Симеј: „Нема да загинеш!” И царот му се заколна.
24. И Сауловиот син Мефивостеј му слезе во пресрет на царот. Тој не ги негуваше ни своите нозе ни своите раце, не ја средуваше својата брада, не ги переше своите облеки од оној ден кога царот замина па сè до денот кога се врати пак во мир.
25. Кога му дојде во пресрет на царот од Ерусалим, царот го праша: „Зошто не тргна со мене, Мефивостеју?”
26. А тој одговори: „Цару господару! Мојот слуга ме измами. Твојот слуга му рече: ‘Насамари ми ја ослицата, да ја јавнам и да тргнам со царот!’ Зашто твојот слуга е хром.