2 Самоилова 19:17-37 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. Имаше со себе илјада луѓе од Венијаминовото племе. И Сива, слугата на Сауловиот дом, со своите петнаесет синови и со своите дваесет слуги, дојде до Јордан пред царот.

18. Добродија сплав за да ги превозат царските синови и за да направат сè што би му било мило. А Гериниот син Симеј се фрли пред нозете на царот кога царот сакаше да помине преку Јордан;

19. и му рече на царот: „Мојот господар нека не ми припишува грев! Не спомнувај си за злото што ти го направи твојот слуга во оној ден кога мојот господар и цар излегуваше од Ерусалим. Царот нека не го зема тоа при срце!

20. Твојот слуга гледа дека згрешил; затоа, еве, дојдов денес прв од сиот Јосифов дом за да му излезам во пресрет на својот господар и цар.”

21. Ама Серуиниот син Ависај проговори и рече: „Зар Симеј не заслужува смрт што го проколнуваше Господовиот помазаник?”

22. А Давид одговори: „Што имам јас со вас, Серуини синови, та ме воведувате денес во искушение? Зар би можел денес некој да биде погубен во Израел? Та сега знам дека сум денес пак цар над Израел.”

23. Тогаш царот му рече на Симеј: „Нема да загинеш!” И царот му се заколна.

24. И Сауловиот син Мефивостеј му слезе во пресрет на царот. Тој не ги негуваше ни своите нозе ни своите раце, не ја средуваше својата брада, не ги переше своите облеки од оној ден кога царот замина па сè до денот кога се врати пак во мир.

25. Кога му дојде во пресрет на царот од Ерусалим, царот го праша: „Зошто не тргна со мене, Мефивостеју?”

26. А тој одговори: „Цару господару! Мојот слуга ме измами. Твојот слуга му рече: ‘Насамари ми ја ослицата, да ја јавнам и да тргнам со царот!’ Зашто твојот слуга е хром.

27. Тој го наклевети твојот слуга пред мојот господар и цар. Ама мојот господар и цар е како Божји ангел: затоа прави што е добро во твоите очи.

28. Зашто сиот мој татков дом немаше заслужено друго освен смрт од мојот господар цар, а ти сепак го прими својот слуга меѓу оние кои јадат на твојот стол. Па како уште имам право да се поплачувам пред царот?”

29. А царот му одговори: „Зошто уште да го тегнеш својот говор? Одредувам: ти и Сива поделете си ги нивите!”

30. Мефивостеј му рече на царот: „Нека земе и сè, кога мојот господар цар се врати среќно во својот дом!”

31. И Галадецот Варзелај дојде од Рогелим и продолжи со царот за да го испрати преку Јордан.

32. Варзелај беше многу стар, му беа осумдесет години. Го снабдуваше царот со храна додека престојуваше во Маханаим, зашто беше мошне имотен човек.

33. Царот му рече на Варзелај: „Појди со мене, јас ќе те издржавам во твоите стари денови кај себе во Ерусалим.”

34. А Варзелај му одговори на царот: „А уште колку години ми остануваат за да одам со царот во Ерусалим?

35. Сега ми се осумдесет години; можам ли уште да разликувам што е добро а што зло? Може ли уште да му биде пријатно на твојот слуга тоа што јаде и што пие? Можам ли уште да го слушам гласот на пејачот и пејачката? Зошто твојот слуга уште би му бил товар на својот господар цар?

36. Твојот слуга уште само ќе помине преку Јордан со царот, но зошто царот би ми дал таква награда?

37. Дозволи му на својот слуга да се врати за да умрам во својот град кај гробот на својот татко и својата мајка. Но еве го твојот слуга Хамам, нека оди натаму со мојот господар цар, па стори му нему што е добро во твоите очи!”

2 Самоилова 19