8. Зашто кога бев во Гесур во Арам, твојот слуга се заветува вака: ‘Ако Господ навистина ме доведе назад во Ерусалим, тогаш јас ќе Му служам на Господа.’”
9. А царот му одговори: „Оди во мир!” И тој тргна на пат и отиде во Хеврон.
10. Авесалом испрати тајни гласници по сите Израелеви племиња и им порача: „Кога ќе го чуете звукот на рогот, тогаш речете: ‘Авесалом стана цар во Хеврон.’”
11. А со Авесалома отидоа двеста луѓе од Ерусалим; тоа беа познаници, кои тргнаа простодушно, не знаејќи ништо.
12. Авесалом испрати и по Гилонецот Ахитофел, Давидовиот советник, од неговиот град Гилон, да присуствува на принесувањето на жртвите. Заверата беше силна, а Авесаломовите приврзеници растеа сè повеќе.
13. Тогаш стигна гласник кај Давида и му соопшти: „Срцето на Израел му се приклони на Авесалома.”
14. Тогаш Давид им рече на сите свои слуги кои што беа со него во Ерусалим: „Станете! Да бегаме! Инаку нема да му избегаме на Авесалома. Поитајте бргу, за да не биде тој побрз и да нè стигне, да не обори зло врз нас, и да не го погуби градот со острилото на мечот!”
15. А царевите дворјанци му одговорија на царот: „Што и да одлучи нашиот господар цар, еве ги твоите слуги!”