6. Така правеше Авесалом со сите Израелци кои доаѓаа на суд кај царот. Со тоа Авесалом ги придобиваше срцата на Израелците за себе.
7. Кога поминаа четири години, Авесалом му рече на царот: „Дозволи ми да отидам во Хеврон и да го извршам заветот со кој му се заветував на Господа.
8. Зашто кога бев во Гесур во Арам, твојот слуга се заветува вака: ‘Ако Господ навистина ме доведе назад во Ерусалим, тогаш јас ќе Му служам на Господа.’”
9. А царот му одговори: „Оди во мир!” И тој тргна на пат и отиде во Хеврон.
10. Авесалом испрати тајни гласници по сите Израелеви племиња и им порача: „Кога ќе го чуете звукот на рогот, тогаш речете: ‘Авесалом стана цар во Хеврон.’”
11. А со Авесалома отидоа двеста луѓе од Ерусалим; тоа беа познаници, кои тргнаа простодушно, не знаејќи ништо.
12. Авесалом испрати и по Гилонецот Ахитофел, Давидовиот советник, од неговиот град Гилон, да присуствува на принесувањето на жртвите. Заверата беше силна, а Авесаломовите приврзеници растеа сè повеќе.
13. Тогаш стигна гласник кај Давида и му соопшти: „Срцето на Израел му се приклони на Авесалома.”
14. Тогаш Давид им рече на сите свои слуги кои што беа со него во Ерусалим: „Станете! Да бегаме! Инаку нема да му избегаме на Авесалома. Поитајте бргу, за да не биде тој побрз и да нè стигне, да не обори зло врз нас, и да не го погуби градот со острилото на мечот!”
15. А царевите дворјанци му одговорија на царот: „Што и да одлучи нашиот господар цар, еве ги твоите слуги!”
16. И царот излезе пеш со сиот свој двор; сепак царот остави десет наложнички, за да го чуваат домот.