22. Тогаш Давид му рече на Итаја: „Ајде, помини!” И Итај од Гат помина со сите свои луѓе и со сите малечки кои беа со него.
23. А целата земја плачеше на глас. Царот го помина потокот Кедрон, и сиот народ поминуваше пред него кон пустината.
24. Ете, дојде и Садок и со него сите левити кои го носеа Ковчегот на Божјиот завет. И тие го положија Божјиот Ковчег; и Авијатар отиде горе, додека сиот народ не излезе од градот.
25. Тогаш царот му рече на Садока: „Однеси го Божјиот Ковчег повторно назад во градот. Ако најдам милост пред очите на Господа, Тој ќе ме доведе назад и ќе ми дозволи да го видам Него и Неговото живеалиште.
26. Ако, пак, Тој каже: ‘Немам кон тебе благонаклоност,’ - тогаш, ете ме, нека прави со мене што е добро во Неговите очи!”
27. Уште царот му рече на свештеникот Садок: „Не ли си пророк? Врати се со мир во градот, и твоите два сина со тебе, твојот син Ахимас и Авијатаровиот син Јонатан.
28. Еве, јас ќе се задржам во рамнината на пустината додека не дојде глас од вас, за да ме извести.”
29. Тогаш Садок и Авијатар го однесоа Божјиот Ковчег назад во Ерусалим и останаа таму.
30. Давид се искачуваше по нагорништето на Маслиновата Гора, сè плачејќи, со покриена глава и бос, и сиот народ што беше со него, ја покри секој својата глава, и одеше плачејќи.
31. Тогаш му јавија на Давида дека и Ахитофел е меѓу заверениците со Авесалома. И Давид рече: „Те молам, о Господи, направи го Ахитофеловиот совет безумие!”
32. Кога Давид дојде на врвот на гората, таму каде што се поклонуваа на Бога, и ете, во пресрет му дојде Архиецот Хусај, со раскината облека и со глава посипана со прав.