4. Кога жената од Текое му прозбори на царот, падна ничкум на земјата и се поклони, потоа рече: „Помогни, цару!”
5. Царот ја праша: „Што ти е?” А таа одговори: „Ах, јас сум вдовица. Маж ми умре,
6. а твојата слугинка имаше два сина. Тие се скараа во полето, а немаше никој да ги раздвои, па едниот од нив го удри другиот и го уби.
7. И ете сиот род се подигна против твојата слугинка и рече: ‘Предај ни го тој, кој го убил брата си: за да го погубиме за животот на неговиот брат кого го убил, а со тоа ќе го сотреме и наследникот.’ Така сакаат да ја угаснат жеравицата што им остана, за да не му остават на мојот маж ни име ни потомство по лицето на земјата.”
8. А царот и рече на жената: „Оди си во твојата куќа, јас ќе одредам што треба за тебе.”
9. А жената од Текое му рече на царот: „Господару, цару! Вината нека падне врз мене и врз мојот татковски дом; царот и неговиот престол невини се во тоа!”
10. А царот продолжи: „Оној, кој ти се закани, доведи го кај мене! Тој веќе нема да те гибне!”
11. А таа рече: „Молам, нека царот си спомни на Господа, својот Бог, дека крвниот одмаздник не ќе ја умножи гибелта и дека нема да го погуби мојот син!” А тој рече: „Така ми живиот Господ, ниедно влакно нема да падне од главата на твојот син на земјата!”
12. А жената продолжи: „Дозволи, твојата слугинка да му рече еден збор на својот господар цар.” А тој одврати: „Зборувај!”
13. А жената рече: „И така, зошто царот - бидејќи со изречувањето на ваквата мисла самиот се призна за виновен - донесе одлука против народот Божји да не го пушта дома оној, кого го протерал?
14. Ние сите сме смртни. Слични сме на водата што се пролева на земја и веќе не може да се собере, и Бог не го подига мртвиот: но мисли за тоа, за протераниот да не остане заточен далеку од него.
15. А причината зошто дојдов да ја изнесам пред својот господар цар оваа работа беше таа што луѓето ме заплашија, па твојата слугинка мислеше: ‘Треба да зборувам со царот, можеби царот ќе го направи она што ќе му каже неговата слугинка.