25. Ама царот му одговори на Авесалома: „Не, сине, не ќе дојдеме сите, за да не ти бидеме на товар.” Авесалом настојуваше, но тој не сакаше да оди, туку го благослови и го пушти.
26. Ама Авесалом продолжи: „Ако не сакаш ти, дозволи тогаш мојот брат Амнон да тргне со нас.” А царот го праша: „Зошто да иде со тебе?”
27. Ама Авесалом и натаму навалуваше, та најпосле Давид ги пушти со него Амнона и сите царски синови.
28. И им заповеда на своите слуги вака: „Внимавајте! Кога ќе му се развесели срцето на Амнон од вино и кога јас ќе ви викнам: ‘Убијте го Амнона!’ тогаш погубете го! Не бојте се, зашто така ви заповедам! Охрабрете се и покажете се јунаци!”
29. И Авесаломовите слуги направија со Амнон како што им заповеда Авесалом. Тогаш сите царски синови станаа, ги јавнаа секој својата мазга и избегаа.
30. Додека тие уште беа на пат, на Давида му дојде ваква вест: „Авесалом ги истепа сите царски синови, ниеден од нив не остана.”
31. Царот стана, ги раскина своите облеки и се фрли на земја; и сите негови дворјанци кои што стоеја околу него ги раскинаа своите облеки.
32. Ама Јонадав, синот на Давидовиот брат Сама, проговори вака: „Нека не зборува мојот господар дека ги погубиле сите млади луѓе, царските синови, зашто загина само Амнон: зашто преку Авесаломовата уста беше решено од оној ден, кога Амнон ја засрами неговата сестра Тамара.
33. Затоа сега мојот господар и цар нека не мисли во срцето дека загинаа сите царски синови. Загина само Амнон.”
34. А Авесалом избега. А момчето што беше на стража ги подигна очите и согледа мноштво народ како слегува по патот зад него, отаде планината.
35. И Јонадав му рече на царот: „Еве, стигнаа царските синови! Се случи како што ти рече твојот слуга.”
36. Туку што го изрече тоа, а царските синови влегоа и заплакаа со сиот глас; а и царот и сите негови слуги плачеа силно.
37. Авесалом пак беше избегал и беше отишол кај Талмај, синот Амијудов, гесурски цар. А Давид тажеше по својот син непрекратно.