2 Самоилова 11:10-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. Му јавија за тоа на Давида, велејќи: „Уриј не отиде во својата куќа!” Тогаш Давид го праша Урија: „Зар не дојде од пат? Зошто не си одиш во својата куќа?”

11. А Уриј му одговори на Давида: „Ковчегот, Израел и Јуда престојуваат под шатори, мојот господар Јоав и стражата на мојот господар престојуваат на отворено поле, а јас да влезам во својата куќа, да јадам и да пијам и да спијам со својата жена? Жив ми твојот живот и твојата душа, навистина нема да направам нешто такво!”

12. Тогаш Давид му рече на Урија: „Остани уште денес тука, а утре ќе те пуштам.” Така Уриј остана во Ерусалим во оној ден.

13. Утреден Давид го повика Уриј да јаде и да пие пред него, и тој се испијани. А навечер Уриј излезе и легна во својата постела заедно со стражите на својот господар, ама не отиде во својата куќа.

14. Наутро Давид му напиша писмо на Јоав и му го испрати по Уриј.

15. А во тоа писмо пишуваше вака: „Поставете го Урија напред, каде што е бојот најжесток, па повлечете се зад него: нека биде погоден и нека загине!”

16. Затоа Јоав, опседнувајќи го градот, го постави Урија на местото каде што знаеше дека стојат најхрабрите борци.

17. Тогаш кога граѓаните излегоа насила надвор и се судрија со Јоав, паднаа неколку од неговата војска, од Давидовите луѓе, а загина и Хетеецот Уриј.

18. Потоа Јоав испрати човек и му соопшти сè што се случило во бојот.

19. И му заповеда на гласникот вака: „Кога ќе му раскажуваш на царот сè што се случило во бојот,

20. можеби царот ќе се налути и ќе ти рече: ‘Зошто сте се доближиле толку близу до градот за да нападнете? Зар не знаевте дека обично се фрлаат стрели од ѕидот?

21. Кој го уби Авимелеха, синот Ерувесетов? Не фрли ли врз него една жена мелнички камен, одозгора од ѕидот, та загина во Тевес? Зошто се доближивте толку близу до ѕидот?’ Ако ти рече така, а ти речи му: ‘Загина и твојот слуга Хетеецот Уриј.’”

22. Гласникот тргна на пат, дојде кај Давида и му раскажа сè што му наложи Јоав. А Давид пламна со гнев на Јоава и му рече на гласникот: „Зошто сте се доближиле толку близу до ѕидот? Кој го уби Авимелеха, синот Ерувесетов? Не фрли ли врз него една жена мелнички камен, одозгора од ѕидот, та загина во Тевес? Зошто се доближивте толку близу до ѕидот?”

23. Гласникот му одговори на Давида: „Тие луѓе удрија силно врз нас и излегоа против нас на отворено поле. Ние ги потиснавме назад до градската врата,

24. ама стрелците од ѕидот почнаа да фрлаат стрели врз твоите луѓе, та загинаа неколку од царските луѓе; така загина и твојот слуга Хетеецот Уриј.”

2 Самоилова 11