2 Самоилова 1:4-11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

4. А Давид го праша: „Што се случило? Раскажи ми!” Тој одговори: „Народот избега од бојот, а многу луѓе и изгинаа. Мртви се и Саул и неговиот син Јонатан.”

5. Тогаш Давид го праша младото момче: „Како знаеш дека загинаа Саул и неговиот син Јонатан?”

6. А младиот гласоносец одговори: „Случајно дојдов на гората Гелвуе и го видов Саула како се опрел врз своето копје, а бојните коли и коњаниците го настигнуваа.

7. Саул, обѕрнувајќи се, ме здогледа мене и ме повика, а јас му се одѕвав: ‘Еве ме!’

8. И тој ме праша: ‘Кој си ти?’ А јас му одговорив: ‘Амаликец сум.’

9. Тогаш тој ми рече: ‘Дојди ваму кај мене и убиј ме, зашто ме опфати смртен грч, а душата е уште сета во мене!’

10. Пристапив кон него и му зададов смртен удар, зашто знаев дека нема да преживее по паѓањето. Потоа ги зедов круната што му беше на главата и нараквицата што ја имаше на раката и, еве, му го донесов тоа на својот господар.”

11. Тогаш Давид ги грабна своите облеки и ги раскина, а исто така и сите луѓе кои беа со него.

2 Самоилова 1