2 Петар 1:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Симон Петар, слуга и апостол на Исуса Христа, до оние, кои преку правдата на нашиот Бог и Спасител Исус Христос ја примија истата скапоцена вера како и ние:

2. благодат и мирот да ви се умножи во познавањето на Бога и Исуса, нашиот Господ.

3. Бидејќи Неговата божествена сила ни подари сè што ни е потребно за живот и побожност, преку познавањето на Оној, Кој нè повика преку Својата сопствена слава и добродетел,

4. со што ни се подарени скапоцени и најголеми ветувања, та преку нив да станете учесници во Божјата природа, откако и избегавте на расипаноста, која е во светот, преку сладострастието, кое владее во светот;

5. заради тоа вложете ја сета ревност, и исполнете ја својата вера со добродетел, а добродетелта со знаење;

6. а знаењето со воздржливост; а воздржливоста со трпение; а трпението со побожност;

7. а побожноста со братољубие; а братољубието со љубов.

8. Зашто, ако го имате сè тоа и тоа се умножува, не ве прави мрзливи и бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос,

9. но, кој го нема тоа, слеп е и кусоглед: зашто заборавил дека е очистен од своите стари гревови.

10. Затоа, браќа, погрижете се уште повеќе да го зацврстите својот позив и избор. Имено, ако го правите тоа никогаш нема да се сопнете.

11. Зашто така ќе ви се даде изобилно влегување во вечното Царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.

12. Затоа ќе гледам секогаш да ве потсетувам за овие работи, иако вие ги знаете, и сте утврдени во сегашната вистина.

13. Но сметам дека е право, додека сум во овој шатор на своето тело, да ве разбудувам со напомнување,

14. зашто знам дека скоро ќе го оставам мојот шатор, како што ме извести за тоа нашиот Господ Исус Христос.

15. А ќе настојувам вие, и по моето заминување, да си спомнувате секогаш за ова.

2 Петар 1