2 Летописи 6:20-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Твоите очи нека бидат отворени над овој Дом дење и ноќе, над ова место за кое што рече дека во него ќе Го сместиш Своето Име. Послушај ја молитвата со која Твојот слуга ќе се моли на ова место.

21. И послушај ја молитвата на Твојот слуга и на Твојот Израелски народ, што ќе ја упатува на ова место. Послушај од местото каде што престојуваш, од небесата, послушај и смилувај се!

22. Ако некој згреши против ближниот и ако му биде наредено да се заколне и ако заклетвата дојде пред Твојот жртвеник во овој Дом,

23. Ти чуј ја од небото, подејствувај и суди им на Своите слуги, осуди го виновникот свртувајќи ги неговите беззаконија врз неговата глава, а ослободи го невиниот постапувајќи со него според неговата невиност.

24. Ако непријателите го поразат Твојот народ зашто згрешил против Тебе, ама ако сепак се обрати кон Тебе и ако го прослави Твоето Име и ако се помоли и извика кон Тебе во овој Дом,

25. тогаш Ти чуј го од небото, прости му ги гревовите на Твојот Израелски народ и доведи го назад во земјата која им ја даде ним и на нивните татковци.

26. Ако небото се затвори и не падне дожд зашто згрешиле против Тебе, па ако Ти се помолат на ова место и ако го прослават Твоето Име, и ако се обратат од својот грев кога ќе ги понизиш Ти,

27. тогаш чуј од небото и прости им го гревот на Твоите слуги и на Твојот Израелски народ, покажувајќи му го добриот пат по кој ќе оди, и пушти дожд на земјата, која му ја даде на Твојот народ во наследство.

2 Летописи 6