5. На Јоакима му беа дваесет и пет години кога се зацари. Царуваше единаесет години во Ерусалим; правеше што е зло во очите на Господа, неговиот Бог.
6. Вавилонскиот цар Навуходоносор завојува против него и, откако го врза во двојни железни вериги, го одведе во Вавилон.
7. Дел од посатките од Господовиот Дом ги однесе Навуходоносор во Вавилон и ги стави во својот дворец во Вавилон.
8. Другите Јоакимови дела и гнасностите што ги правеше, и што се најде во него, сè е запишано во книжниот Свиток за израелските и за јудејските цареви. На негово место се зацари син му Јоахин.
9. На Јоахина му беа осум години кога се зацари, а царуваше три месеци и десет дена во Ерусалим; правеше што е зло во Господовите очи.
10. При сменувањето на годината, царот Навуходоносор испрати повелба, та го одведоа во Вавилон со скапоценостите од Господовиот Дом, а над Јудеја и над Ерусалим се зацари неговиот брат Седекиј.
11. На Седекија му беа дваесет и една година кога се зацари, а царуваше единаесет години во Ерусалим.
12. Правеше што е зло во очите на Господа, неговиот Бог; не се смири пред пророкот Еремиј, кој му зборуваше од Господовата уста,
13. туку уште и се побуни против царот Навуходоносор, кој го беше заколнал во Бога; остана тврдоглав и упорен во срцето, за да не Му се обрати на Господа, Израелевиот Бог.
14. Па и сите свештенички главатари и народот грешеа многу следејќи ги гнасните дела на јазичниците, онечистувајќи го Господовиот Дом, посветен во Ерусалим.
15. Господ, Бог на нивните татковци, испраќаше кај нив рано Свои гласници, ги праќаше постојано, зашто му беше жал за Својот народ и за Своето Живеалиште.
16. Но тие им се потсмеваа на Божјите гласници, презирајќи ги Неговите зборови и подигрувајќи се со Неговите пророци, додека не се подигна Господовата јарост против Неговиот народ, та веќе немаше лек.
17. Го доведе против нив халдејскиот цар, кој ги стави под меч нивните младинци во домот на нивното Светилиште, не поштедувајќи ги ни младецот ни девојката, ни старецот ни немоќниот. Сè му предаде во рацете.
18. Сите посатки на Божјиот Дом, големите и малите, сокровиштето на Господовиот Дом и царевото благо, богатството на неговите кнезови, сè однесе во Вавилон.
19. Го изгореа Божјиот Дом и го соборија ерусалимскиот ѕид, и ги уништија сите негови скапоцености.
20. Оние кои му избегаа на мечот на Навуходоносор, ги одведе во ропство во Вавилон. Им станаа робови нему и на неговите синови, додека не го снема Персиското Царство.