2 Летописи 33:7-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

7. Направи кип на божество, и го постави во Божјиот Дом, за кого Бог им беше рекол на Давида и на неговиот син Соломон: „Во овој Дом и во Ерусалим, што го избрав меѓу сите израелски племиња, ќе го поставам Своето Име довека.

8. Не ќе давам веќе ногата на Израелците да се повлече од земјата што им ја дадов во наследство на вашите татковци, само ако пазат и ако спроведуваат во дело сè што им заповедав: сиот Закон, одредбите и обичаите дадени преку Мојсеј.”

9. Но Манасиј ги заведе Јудејците и ерусалимците та правеа уште полошо од народите што Господ ги откорна пред Израелевите синови.

10. Господ ги опоменуваше Манасиј и неговиот народ, но тие не послушаа.

11. Затоа Господ ги доведе против нив военачалниците на асирскиот цар. Го фатија Манасиј со куки, го врзаа во двојни железни вериги и го одведоа во Вавилон.

12. Кога се најде во неволја, почна да Му се моли за милост на Господа, својот Бог, длабоко се покаја пред Бога на татковците.

13. Се молеше и Бог му се смилува те го послуша неговото просење и го врати во Ерусалим во царството. Тогаш Манасиј созна дека Господ е Бог.

14. Потоа го изгради надворешниот ѕид на Давидовиот Град западно од Гион, од долината на Рибната Врата, и го препаша со ѕид Офил, изведувајќи го мошне високо. Постави военачалници во сите утврдени градови во Јуда.

15. Освен тоа ги отстрани од Господовиот Дом туѓинските богови, оној вајан кип и сите жртвеници што ги имаше изградено на гората на Господовиот Дом и во Ерусалим и сите ги фрли надвор од градот.

16. Потоа пак го подигна Господовиот жртвеник и жртвуваше врз него помирителни жртви и благодарници. Им заповеда и на Јудејците да му служат на Господа, Израелевиот Бог.

17. Сепак народот уште жртвуваше по високите места, но само на Господа, на својот Бог.

18. Другите Манасиеви дела, и неговата молитва кон Бога, зборовите што му ги кажуваа гледачите во Името на Господа, Израелевиот Бог, се запишани во книгата на израелските цареви.

19. Неговата молитва, и како беше послушан, сите негови гревови и неговите беззаконија, и местата на кои изгради високи места, подигна ашери и кипови пред да се понижи - сето тоа е запишано во книгата на Хозај.

20. Тогаш Манасиј почина покрај своите татковци. Го погребаа во дворецот. На неговото место се зацари син му Амон.

21. На Амона му беа дваесет и две години кога се зацари, а царуваше две години во Ерусалим.

22. Правеше што е зло во Господовите очи, како и татко му Манасиј, зашто тој им принесуваше жртви и им служеше на сите кипови на божествата што ги имаше направено неговиот татко Манасиј.

2 Летописи 33