2 Летописи 32:11-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Зар не ве заведува Езекија за да ве предаде на смрт од глад и од жед кога зборува: „Господ, нашиот Бог ќе не избави од рацете на асирскиот цар?”

12. Нели тој Езекија ги отстрани неговите високи места и неговите жртвеници и им заповеда на Јудејците и на Ерусалимците говорејќи: „Клањајте се пред еден жртвеник и кадете врз него!”

13. Зар не знаете што направив јас и моите предци од сите земни народи? Зар боговите на земните народи можеа да ги избават своите земји од мојата рака?

14. Кој од сите богови на оние народи, што моите предци ги уништија сосем, можеше да избави народ од мојата рака, за да може вашиот Бог да ве избави вас од мојата рака?

15. Затоа немојте сега Езекија да ве измамува и да ве заведува така, и не верувајте му! Зашто ниеден бог на ниеден народ или царство не можеше да го избави својот народ од мојата рака, ни од раката на моите предци, а камоли вашиот Бог ќе ве избави од мојата рака!’”

16. Неговите слуги уште повеќе ги напаѓаа Бога Господа и неговиот слуга Езекија.

17. Напиша и писмо хулејќи Го Господа, Израелевиот Бог: „Како што боговите на земните народи не ги избавија своите народи од мојата рака, така ни Езекиевиот Бог не ќе го избави Својот народ од мојата рака.”

18. И му викаа со силен глас, на јудејски јазик, на ерусалимскиот народ, кој беше на ѕидот за да го уплашат и да го смутат, како би го презеле градот.

19. Зборуваа за ерусалимскиот Бог како за боговите на земните народи, за боговите што се дело на човечките раце.

20. Затоа царот Езекија и пророкот Исаиј, Амосовиот син, се помолија и го повикаа небото на помош.

21. Тогаш Господ испрати ангел, кој ги уништи сите храбри јунаци, заповедниците и началниците во војската на асирскиот цар, така што се врати засрамен во својата земја. А кога влезе во храмот на својот бог, го сосекоа таму со меч некои, кои се родија од неговото крило.

22. Така Господ ги спаси Езекија и ерусалимските жители од раката на асирскиот цар Сенахирим и од раката на непријателите, та им даде мир отсекаде.

2 Летописи 32