12. Тогаш станаа некои од главатарите на Ефремовите синови, и тоа Јоанановиот син Азариј, Месилемотовиот син Варахиј и Салумовиот син Езекија, Адлаевиот син Амас, на оние што се враќаа од војската.
13. Па им рекоа: „Не доведувајте го наваму тоа робје, зашто покрај вината што е врз нас пред Господа, вие мислите да додадете уште на нашите гревови и на нашата кривица, како да не се доста нашата голема вина и јаросниот гнев на Израел.”
14. Тогаш војниците ги оставија робјето и пленот пред кнезовите и пред сиот собир.
15. Тогаш спомнатите по име луѓе станаа, ги охрабрија робовите, ги облекоа сите голи во облека од пленот; а кога ги облекоа, ги обуја, ги нахранија, ги напоија, ги намачкаа и ги поведоа на магариња сите изнемоштени, ги одведоа во палмовиот град Ерихон до нивните браќа, а потоа се вратија во Самарија.
16. Во тоа време царот Ахаз ги замоли асирските цареви да му помогнат.
17. Едомците пак беа нападнале и ги поразија Јудејците та ги одведоа во робје.
18. Филистејците се раширија по градовите на Јудејскиот Шефел и Негев и, откако ги зазедоа Вет-Самес, Ејалон, Гедирот и Сохот со селата, Тамна со селата и Гимзон со селата, се населија таму.
19. Господ почна да ги понижува Јудејците заради Јудејскиот цар Ахаз, зашто Ахаз ги разузда Јудејците и тешко грешеше против Господа.
20. Асирскиот цар Телгат-Фелнасар дојде против него, и го притесна место да го зајакне.
21. Ахаз ги ограби Господовиот Дом, царскиот дворец и кнезовите и сè тоа му го даде на асирскиот цар, ама ништо не му помогна.
22. Додека беше во неволја, му стана поневерен на Господа; таков беше царот Ахаз.
23. Почна да им жртвува на дамаските богови, кои го поразија, мислејќи: „Кога боговите на арамејските цареви им помагаат ним, ќе им жртвувам за да ми помагаат и мене.” Но тие им беа на пропаст нему и на сиот Израел.
24. Ахаз ги собра посатките од Господовиот Дом, ги искрши, ја затвори вратата на Господовиот Дом и подигна жртвеници по сите агли во Ерусалим.
25. И во секој одделен јудејски град подигна високи места за да им кади на туѓите богови, дразнејќи го Господа, Бога на татковците.
26. Другите негови дела и сите негови патишта, од првите до последните, запишани се во книжниот свиток за јудејските и израелските цареви.
27. Тогаш Ахаз почина кај татковците. Го погребаа во градот, во Ерусалим, но не го внесоа во гробницата на јудејските цареви. На неговото место се зацари син му Езекија.