2 Летописи 21:12-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Тогаш му стигна писмо од пророкот Илија: „Вака вели Господ, Бог на твојот татко Давид: ‘Зашто не одеше по патиштата на таткото Јосафат, ни по патиштата на јудејскиот цар Аса,

13. туку одеше по патиштата на израелските цареви и ги наведе на блуд Јудејците и Ерусалимците, како што направи Ахавовиот дом, а покрај тоа ги уби сопствените браќа, своето семејство, кои беа подобри од тебе:

14. еве, Господ ќе навали голема несреќа на твојот народ, на твоите синови, на твоите жени, на сиот твој имот.

15. Ќе се разболиш од многу болести: од болест на цревата, така што цревата ќе ти излезат од болеста, која ќе трае денови и денови.’”

16. Господ го подигна против Јорама гневот на Филистејците и на Арабјаните, кои живееја покрај Етиопците.

17. Тие ја нападнаа Јудеја и ја освоија, го запленија сето богатство што се најде во царевиот дворец, па и неговите синови и неговите жени, така што не остана никој освен најмладиот син, Јоахаз.

18. По сè тоа Господ го удри со неизлечива цревна болест.

19. Таа траеше денови и денови, а кога се навршија две години, му излегоа цревата од болеста, та умре во страшни маки. Народот не му приреди мирисливи палења, како што им палеше на неговите татковци.

20. Му беа триесет и две години кога се зацари, а осум години царуваше во Ерусалим. Почина, а никој не зажали за него; и го погребаа во Давидовиот Град, но не во царската гробница.

2 Летописи 21