2 Летописи 20:26-37 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

26. Во четвртиот ден се собраа во Долината на Благословот: таму Го фалеа Господа, па затоа тоа место беше наречено Емек Берака, Долина на Благослов, до денес.

27. Потоа сите Јудејци и Ерусалимци, со Јосафата на чело, се свртија за да се вратат во Ерусалим со веселба, зашто Господ ги развесели над нивните непријатели.

28. Дојдоа во Ерусалим со псалтири, со гуслиња и со труби во Господовиот Дом.

29. А Божјиот страв влезе во сите земни царства кога чуја дека Господ завојува против Израелевите непријатели.

30. Така се смири Јосафатовото царство, зашто Бог му даде мир од сите страни.

31. Јосафат царуваше над Јудејците. Му беа триесет и пет години кога се зацари; царуваше дваесет и пет години во Ерусалим; мајка му се викаше Азува, а беше ќерка Силеева.

32. Одеше по патот на Аса не свртувајќи од него, туку чинејќи што е право во Господовите очи.

33. Само, не беа отстранети високите места, зашто народот уште не го имаше насочено своето срце кон Бога на татковците.

34. Другите Јосафатови дела, од првите до последните се запишани во книгата на Ананиевиот син Јуј, и се распоредени во книжниот Свиток за израелските цареви.

35. Потоа јудејскиот цар Јосафат се здружи со израелскиот цар Охозиј, кој работеше безбожно.

36. Се здружи со него за да направат бродови и да отидат во Тарсис; направија бродови во Есион Гавер.

37. Додавовиот син Елиезер од Мариса, прорече против Јосафат: „Бидејќи се здружи со Охозиј, Господ ќе ги разурне твоите дела.” Бродовите се разбија и не можеа да отпловат во Тарсис.

2 Летописи 20