14. Тогаш Господовиот Дух слезе сред соборот - на Јазил, синот Захариев, син на Венај, син на Јеил, син на Матаниј - Левит од Асафовите синови.
15. Тој рече: „Слушајте, сите Јудејци, Ерусалимци и ти цару Јосафате! Господ ви зборува вака: ‘Не бојте се и не плашете се од тоа големо мноштво, зашто ова не е ваша војна, туку Божја.
16. Утре слезете против нив; тие ќе се искачуваат по Асиската Нагорница, а вие ќе ги сретнете на крајот на долината кон Јеруилската Пустина.
17. Не треба да се биете; поставете се, стојте па гледајте како ќе ви помогне Господ.’ Еј Јудо и Ерусалиме, не бојте се и не плашете се; утре излезете пред нив, и Господ ќе биде со вас!”
18. Тогаш Јосафат падна ничкум на земјата, и сите Јудејци и Ерусалимци паднаа пред Господа за да Му се поклонат.
19. Потоа левитите од Катовите синови и од Кореевите синови станаа и почнаа да Го фалат со сиот глас Господа, Израелевиот Бог.
20. Поранија наутро и тргнаа кон пустината Текуј; кога излегуваа, Јосафат застана и рече: „Чујте ме, еј Јудејци и Ерусалимци, надевајте се во Господа својот Бог, и ќе се оддржите; надевајте се во Неговите пророци и ќе успеете!”
21. Потоа се посоветува со народот и ги постави Господовите пејачи и фалители, кои ќе ја слават Неговата светост и ќе одат пред вооружените чети и ќе пеат: „Славете Го Господа зашто е вечна Неговата љубов!”
22. Кога почнаа да воскликнуваат и да слават, Господ предизвика несогласност меѓу Амонците, Моавците и оние од Сирската Гора, кои излегоа против Јудеја та беа разбиени.
23. Зашто Амоновите синови и Моавците станаа против оние од Сирската Гора за да ги сотрат и уништат; а кога свршија со оние од Сир, почнаа да удираат еден на друг та се истребија.
24. Кога Јудејците дојдоа до стражарницата кон пустината и се обѕрнаа на мноштвото, а тоа ете, мртви тела лежат по земјата; никој не се спаси.