1 Цареви 8:49-66 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

49. послушај ги од небото, каде што престојуваш, нивната молба и нивните просења,

50. направи им правда, и прости му на Својот народ зашто згреши против Тебе, прости ги сите навреди што ти ги нанесе, направи за да му се смилуваат освојувачите и за да бидат милостиви спрема него,

51. бидејќи тие се Твој народ и Твое наследство, нив ги изведе од Египет, од вжерената печка.

52. Твоите очи нека бидат отворени за молитвата на Твојот слуга и за просењата на Твојот народ Израел, за да ги чуеш сите нивни молби што ќе Ти ги упатат Тебе.

53. Зашто Ти ги оддвои од сите народи на земјата за Свое наследство, како што објави преку Својот слуга Мојсеј, кога ги изведе нашите татковци од Египет, о Господи, Боже!”

54. Откако Соломон ги доврши сета оваа молитва и просењето пред Господа, се дигна од местото каде што клечеше, со раширени раце кон небото, пред Господовиот жртвеник,

55. па истапи та го благослови сиот Израелев собор со силен глас:

56. ”Благословен Господ, Кој на Својот народ Израел му даде мир во сè како што вети; не пропадна ниту едно од Неговите убави ветувања, кои им ги даде на Својот слуга Мојсеј.

57. Господ, нашиот Бог, нека биде со нас како што беше со нашите татковци, и нека не нè напушта и отфрла.

58. Нека ги приклони нашите срца кон себе, за де одиме по сите Негови патишта и за да ги пазиме Неговите заповеди, закони и одредби што им ги даде на нашите татковци.

59. Овие мои зборови, што ги изнесов скромно пред Господа, да бидат постојано, дење и ноќе присутни пред Господа, нашиот Бог, за да би им правел, ден по ден, правда на Својот слуга и справедливост на Својот народ Израел,

60. за да познаат така сите народи на земјата дека Господ е Единствен Бог, и дека нема друг.

61. А вашето срце нека му биде потполно верно на Господа, нашиот Бог, пазејќи ги Неговите закони и држејќи ги Неговите заповеди како денес!”

62. Царот и сиот Израел со него Му принесоа жртва на Господа.

63. Како помирителна жртва, која му ја принесе на Господа, Соломон принесе дваесет и две илјади волови и сто и дваесет илјади овци; со тоа царот и сиот Израел го посветија Господовиот Дом.

64. Во тој ден царот го посвети средиштето на преддворјето, што е пред Господовиот Дом, зашто таму ги принесе палениците, лебните приноси, и мрсното од помирителните жртви, зашто бронзениот жртвеник пред Господа беше премал за да ги прими палениците, лебните приноси и помирителните жртви.

65. Таа свеченост во она време Соломон ја славеше седум денови, со сите Израелци, со големиот собор од Влезот во Хамат до Египетската Река, пред Господа, нашиот Бог.

66. Потоа на осмиот ден ги отпушти луѓето; тие го благословуваа царот и си одеа во своите куќи, весели и со задоволни срца заради сето добро што Господ му го направи на Својот слуга Давид и на Својот народ Израел.

1 Цареви 8