1 Цареви 7:19-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

19. Главите на врвот на столбовите пред тремот имаа облик на лотоси, од четири лакти.

20. Стоеја на двата столба кај испакнатината што беше спрема мрежата. Две стотини калинки беа околу првата глава и двеста околу другата.

21. Подигна столбови пред тремот на Светилиштето; едниот го стави на десната страна и го нарече Јахин; постави друг столб на левата страна и му го даде името Воас.

22. Изработените лилјани ги постави на самиот врв на главите. И така ги доврши столбовите.

23. Тогаш од бронзена ковина излеа море што мереше десет лакти од работ до работ; беше кружно наоколу, пет лакти високо, а во опсег, мерено со врвца, имаше триесет лакти.

24. Под работ му беа украси како цветни чашки, кои го опточуваа сосем: по десет на лакат го опточуваа морето наоколу; цветните чашки беа во два реда, и беа излеани со него.

25. Лежеше врз дванаесет волови: три гледаа на север, три на запад, три на југ, а три на исток; морето стоеше врз нив, и сите беа свртени со задниот дел кон внатре.

26. Беше дебело една дланка, работ му беше како раб на чаша, како лилјанов цвет, а можеше да прими две илјади мери - вати.

27. Направи десет бронзени подножја; секое беше четири лакти долго, четири лакти широко, а три лакти високо.

28. Подножјата беа изработени вака: имаа рамки, а рамките стоеја меѓу препреките.

29. На рамките меѓу пречките беа лавови, волови и херуви; а врз самите препреки, како над лавовите и воловите така и под нив, беа украси како венци.

30. Секое подножје имаше четири бронзени тркала и оска од бронза; нивните четири нозе имаа држачи; под мијалникот држачите беа слеани со украсите.

31. Горе, каде што се составуваа држачите, беше отворот на подножјето; имаше лакат ипол; отворот беше кружен, во вид на украсен сад, а врз него беа врежани и украси; ама препреките беа четвртести, а не кружни.

1 Цареви 7