1 Цареви 22:33-47 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

33. А кога заповедниците на бојните коли видоа дека тој не е израелскиот цар, се свртија од него.

34. Еден без размислување го оптегна лакот и го погоди со стрелата израелскиот цар меѓу набраницата на појасот и оклопот. Царот му рече на возачот: „Заврти, извади ме од бојот, зашто не ми е добро.”

35. Во оној ден бојот беше сè пожесток, ама царот се држеше исправено во бојната кола спрема Арамејците. А навечер умре. Крвта од раната се излеа по колата.

36. При зајдисонце екна глас низ логорот: „Секој во својот град и секој во својата земја!

37. Царот загина!” Отидоа во Самарија и го закопаа царот во Самарија.

38. Ја измија неговата кола во Самарискиот Рибник, и кучињата ја лижеа неговата крв, и блудници се капеа таму, според словото што Господ го рече.

39. Другите Ахавови дела, сè што направил, за куќата од слонова коска, за сите градови што ги изгради, зар сè тоа не е во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?

40. Ахав почина со своите татковци, и неговиот син Охозиј зацари место него.

41. Јосафат, синот Асин, стана цар на Јудеја во четвртата година на царувањето на Ахав, израелскиот цар.

42. Јосафат беше на триесет и пет години кога се зацари; царуваше дваесет и пет години во Ерусалим; мајка му се викаше Азува, а беше ќерка Силеева.

43. Одеше сосем по патот на својот татко Аса, не свртувајќи од него, туку правејќи сè што е право во Господовите очи.

44. Само, високите места не беа отстранети, народот уште принесуваше жртви и кадеше на високите места. Јосафат беше во мир со израелскиот цар.

45. Другата Јосафатова повест, потфатите што ги извршил и како војуваше, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?

46. Ги истреби од земјата останатите изопачени мажи (содомисти), кои се одржаа од времето на неговиот татко Аса.

47. Немаше цар во Едом, туку владееше намесник.

1 Цареви 22