1 Цареви 22:24-37 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

24. Тогаш Хананииниот син Седекиј пристапи, го удри Михеја по образот и рече: „Зар Господовиот дух ме напушти мене за да зборува со тебе?”

25. Михеј одговори: „Ќе видиш во оној ден кога ќе бегаш од соба во соба за да се скриеш.”

26. Тогаш израелскиот цар нареди: „Фатете го Михеја и одведете им го на градскиот заповедник Амон и на царскиот син Јоас.

27. Речи им: „Царот вели вака: „Фрлете го овој во темница и држете го на сув леб и вода додека не се вратам среќно.”‘“

28. Михеј рече: „Ако навистина се вратиш во мир, тогаш Господ не зборуваше преку мене.” И додаде: „Чујте сите луѓе!”

29. Израелскиот цар и јудејскиот цар Јосафат, тргнаа против Галадскиот Рамот.

30. Израелскиот цар му рече на Јосафата: „Јас ќе се преоблечам и тогаш ќе влезам во бојот, но ти остани во твојата облека!” Израелскиот цар се преоблече и тргна во бој.

31. Арамејскиот цар им нареди на заповедниците на воените коли: „Не напаѓајте ни на мал ни на голем, туку единствено на израелскиот цар!”

32. Кога заповедниците на бојните коли го здогледаа Јосафата, рекоа: „Тоа е израелскиот цар!” И тргнаа во бој кон него. А Јосафат извика.

33. А кога заповедниците на бојните коли видоа дека тој не е израелскиот цар, се свртија од него.

34. Еден без размислување го оптегна лакот и го погоди со стрелата израелскиот цар меѓу набраницата на појасот и оклопот. Царот му рече на возачот: „Заврти, извади ме од бојот, зашто не ми е добро.”

35. Во оној ден бојот беше сè пожесток, ама царот се држеше исправено во бојната кола спрема Арамејците. А навечер умре. Крвта од раната се излеа по колата.

36. При зајдисонце екна глас низ логорот: „Секој во својот град и секој во својата земја!

37. Царот загина!” Отидоа во Самарија и го закопаа царот во Самарија.

1 Цареви 22