1 Цареви 22:12-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

12. Така и сите други пророци пророкуваа, говорејќи: „Оди против Галадскиот Рамот, и ќе успееш: Господ ќе му го предаде во рацете на царот.”

13. Гласникот кој отиде да го повика Михеја му рече: „Ене, сите пророци сложно му пророкуваат добро на царот. Зборувај и ти како еден од нив и проречи му успех!”

14. Ама Михеј одговори: „Живиот ми Господ, ќе го зборувам она што Господ ќе ми каже!”

15. Кога дојде пред царот, царот го праша: „Михеј, да тргнам ли во војна против Галадскиот Рамот, или да се откажам од тоа?” Тој одговори: „Појди! ќе успееш: Господ ќе го предаде во царевите раце.”

16. Ама царот му рече: „Колку пати ќе те заколнувам за да ми ја кажеш само вистината во Господово Име?”

17. Тогаш Михеј одговори: „Го гледам сиот Израел распрснат по горите како стадо без пастир. И Господ вели: ‘Немаат веќе господар, нека се вратат во мир дома.’”

18. Тогаш израелскиот цар му рече на Јосафата: „Нели ти реков дека нема да ми прорече добро туку зло!”

19. А Михеј рече: „Затоа чуј го Господовото слово: Го видов Господа каде седи на Својот престол, а сета небеска војска Му стоеше оддесно и одлево.

20. Господ праша: ‘Кој ќе го заведе Ахава за да отиде и да падне во Галадскиот Рамот?’ Едниот рече ова, другиот она.

21. Тогаш, еден дух влезе и застана пред Господа: ‘Јас - рече - ќе го заведам.’ Господ го праша: ‘Како?’

22. Тој одговори: ‘Ќе излезам и ќе бидам лажлив дух во устите на сите негови пророци.’ Господ рече: ‘Ти ќе го заведеш. И ќе успееш. Оди и направи така!’

23. Еве, така е, Господ стави лажлив дух во устата на сите овие твои пророци, ама Господ ти навестува зло.”

1 Цареви 22