7. Израелскиот цар ги свика сите земни старешини и рече: „Промислете и погледајте! Овој ни готви зло! Ги бара од мене моите жени и деца, иако не му одбив моето сребро и злато.”
8. Старешините и сиот народ му одговорија: „Немој да послушаш! Немој да се согласиш!”
9. Тогаш тој им одговори вака на Вен-Ададовите пратеници: „Речете му на господарот царот: ‘Сè што бараше првпат од својот слуга, јас ќе направам, ама ова другото не можам.’” И посланиците отидоа и го однесоа одговорот.
10. Тогаш Вен-Адад порача: „Боговите нека ми направат зло и нека придадат уште толку, ако правот на Самарија биде доста за да добијат по еден грст оние што ме следат!”
11. Ама израелскиот цар му одговори: „Се вели: ‘Нека не се фали оној кој се препашува како оној што се распашува!’”
12. А кога Вен-Адад го чу тоа - токму пиеше со царевите под шаторот - им заповеда на своите слуги: „На своите места!” И тие ги зазедоа своите положаи против градот.
13. Тогаш еден пророк го побара Ахава, царот на Израел, и рече: „Господ вели вака: ‘Дали го виде она силно мноштво? Еве, Јас ќе ти го предадам денес во рацете, и ти ќе сознаеш дека Јас Сум Господ.’”
14. Ахав рече: „Преку кого?” Тој одговори: „Преку момчињата на покраинските намесници” Ахав праша: „Кој ќе го почне бојот?” Тој одговори: „Ти!”
15. Ахав изврши смотра на момчњата на покраинските управители. Беа двеста триесет и две. По нив изврши смотра на сите војски на сите Израелци. Беа седум илјади.
16. Тие излегоа на пладне, додека Вен-Адад пиеше во шаторите со триесет и два цареви кои му беа сојузници.
17. Момчињата на покраинските управители излегоа први. Го известија Вен-Адад: „Излегоа луѓето од Самарија.”
18. Тој рече: „Ако излегоа заради мир, фатете ги живи; ако излегоа во бој, фатете ги пак живи!”
19. Ама кога тие - момчињата на покраинските управители - излегоа од градот, по нив следеше другата војска,
20. и секој удри на својот противник. Арамејците бегаа, а Израелците ги гонеа. Вен-Адад, арамејскиот цар, се спаси на коњ со некои коњаници.
21. Тогаш излезе израелскиот цар; ги заплени коњите и колите, и им нанесе на Арамејците тежок пораз.
22. Тогаш пророкот му пристапи на израелскиот цар и му рече: „Ајде! Охрабри се и размисли добро што треба да правиш, зашто догодина арамејскиот цар ќе нападне на тебе.”
23. Слугите го советуваа арамејскиот цар: „Нивните богови се богови на горите, и затоа беа појаки од нас.
24. И така, да направиме вака: мавни ги овие цареви, и постави ги војводите на нивното место.
25. Потоа собери си голема војска колку што беше онаа што ја изгуби, толку коњи и толку коли. Тогаш ќе се биеме со нив во рамница, и бездруго ќе надвладееме.” Тој ги послуша и направи така.
26. Кога помина годината Вен-Адад ги крена Арамејците и тргна против Афек, за да војува со Израел.
27. Израелците се кренаа и тргнаа против нив. И се влогорија Израелците пред нив како две мали стада кози, додека Арамејците ја покрија земјата.