1 Цареви 2:6-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

6. Ти постапи според својата мудрост, и не оставај неговата седа коса да почине мирно во гробот.

7. А на синовите на Галадецот Варзелај врати им ја љубовта: нека бидат меѓу оние кои ќе јадат покрај твојот стол, зашто ми помогнаа кога бегав пред твојот брат Авесалом.

8. Пред себе го имаш Симеј, синот Гирин, Венијаминец од Ваурим, кој ме проколнуваше со ужасни клетви во оној ден кога бегав во Маханаим. Ама тој ми слезе во пресрет при Јордан, и му се заколнав на Господа: ‘Нема да го погубам со меч.’

9. Ама ти не му го проштавај тоа, зашто си мудар човек, и веќе ќе знаеш како треба да постапиш за да му ја испратиш седата коса со крв во гробот.”

10. И потоа почина Давид покрај своите татковци, и беше погребан во Давидовиот Град.

11. Давид царуваше над Израел четириесет години: во Хеврон царуваше седум години, во Ерусалим царуваше триесет и три години.

12. Соломон седна на престолот на Давида, својот татко, и неговата власт мошне се зацврсти.

13. Ама Адониј, синот Агитин, дојде кај Витсавеа, Соломоновата мајка, и падна ничкум пред неа. Таа го праша: „Дали е со мир твоето доаѓање?” Тој одговори: „Да, со мир е.”

14. И продолжи: „Имам нешто да ти речам.” Таа рече: „Зборувај.”

15. Тогаш тој рече: „И самата знаеш дека царството ми припаѓаше мене, и дека сиот Израел чекаше јас да бидам цар. Ама царството се измести од мене, и му припадна на мојот брат, зашто Господ му го наменил.

16. Сега јас те молам само едно: Немој да ме одбиеш.” Таа рече: „Зборувај.”

17. А тој продолжи: „Речи му те молам, на царот Соломон, да ми ја даде за жена Сунамката Ависага!”

18. А Витсавеа одговори: „Добро, ќе му зборувам на царот за тебе.”

19. И така кога Витсавеа влезе кај царот Соломон за да зборува за Адониј, царот стана и и тргна во пресрет, се поклони пред неа, потоа седна на својот престол, и заповеда те наместија столица за царицата мајка, и таа седна од неговата десна страна.

20. Тогаш му рече: „Нешто ќе побарам од тебе, немој да одбиеш.” Царот и одговори: „Барај мајко, зашто нема да те одбијам.”

21. Таа продолжи: „Нека му биде дадена на твојот брат за жена Сунамката Ависага.”

22. Царот Соломон одговори и и рече на својата мајка: „Зошто ја бараш Сунамката Ависага за Адониј? Барај веднаш и царство за него! Зашто тој е мој постар брат, а со него се свештеникот Авијатар и Јоав, синот Серуин!”

23. Тогаш царот Соломон се заколна во Господа: „Бог нека ми го направи ова зло и нека ми додаде друго, ако Адониј не го изрече тоа по цена на својот живот!

24. Живиот ми Господ, Кој ме потврди и ме стави на престолот на мојот татко Давид, и Кој ми даде дом како што вети: Адониј ќе умре уште денес.”

25. И царот Соломон го испрати Венаја, синот Јодаев, кој го удри, та Адониј умре.

1 Цареви 2