1 Цареви 2:28-41 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

28. Кога гласот стигна до Јоава - Јоав беше со Адониј, иако не му се приклучи на Авесалома - тој избега во Господовиот Шатор и се фати за роговите на жртвеникот.

29. И му јавија на царот Соломон: „Јоав избега во Господовиот Шатор, ене го покрај жртвеникот.” Тогаш Соломон му порача на Јоава: „Зошто се држиш за жртвеникот?” Јоав одговори: „Се исплашив од тебе и побегнав пред Господа.” Тогаш Соломон му нареди на Венаја, синот Јодаев: „Оди и убиј го!”

30. Венаја отиде во Господовиот Шатор и му рече на Јоава: „По царска наредба: излези!” Тој одговори: „Не сакам, имам желба да умрам тука!” Венаја му јави на царот: „Ете што ми рече Јоав и што ми одговори.”

31. Царот му рече: „Направи како што рекол: убиј го, потоа закопај го. Така ќе ја симнеш од мене и од домот на мојот татко невината крв што Јоав ја пролеа.

32. Господ ќе направи неговата крв да падне на неговата глава, зашто уби два човека поправедни и подобри од себе; ги уби со меч без знаење на татка ми Давида: Авенира, синот Ниров, водачот на Израелевата војска, и Амаса, синот Етеров, јудејскиот војвода.

33. Нивната крв нека падне на главата на Јоава и на неговото потомство довека, а на Давида, на неговото потомство, на владеечката куќа и на престолот, нека им биде траен мир од Господа.”

34. И Венаја, синот Јодаев, отиде, се нафрли врз Јоава и го усмрти. Го погребаа Јоава во неговиот дом во пустинатата.

35. На негово место царот го постави на чело на војската Венаја, синот Јодаев, а на местото на Авијатар го постави свештеникот Садок.

36. Соломон го повика Симеја и му рече: „Изгради си куќа во Ерусалим: тука живеј, и не излегувај оттаму никаде.

37. Во оној ден кога ќе излезеш и кога ќе го поминеш потокот Кедрон, знај дека ќе умреш. Твојата крв на твоја глава.”

38. Симеј му одговори на царот: „Добро. Како што ќе каже мојот господар цар, така ќе направи твојот слуга.” И Симеј живееше долго во Ерусалим.

39. Но по три години се случи да му избегаат на Симеј двајца слуги кај Ахис, синот Махин, гатскиот цар. И го известија Симеј: „Ене ти ги слугите во Гат.”

40. Тогаш Симеј стана, го насамари ослето и отиде во Гат, кај Ахис, за да ги бара своите слуги. И Симеј се врати и ги доведе своите слуги од Гат.

41. И му јавија на Соломона: „Симеј отиде од Ерусалим во Гат, и се врати.”

1 Цареви 2