11. Давид царуваше над Израел четириесет години: во Хеврон царуваше седум години, во Ерусалим царуваше триесет и три години.
12. Соломон седна на престолот на Давида, својот татко, и неговата власт мошне се зацврсти.
13. Ама Адониј, синот Агитин, дојде кај Витсавеа, Соломоновата мајка, и падна ничкум пред неа. Таа го праша: „Дали е со мир твоето доаѓање?” Тој одговори: „Да, со мир е.”
14. И продолжи: „Имам нешто да ти речам.” Таа рече: „Зборувај.”
15. Тогаш тој рече: „И самата знаеш дека царството ми припаѓаше мене, и дека сиот Израел чекаше јас да бидам цар. Ама царството се измести од мене, и му припадна на мојот брат, зашто Господ му го наменил.
16. Сега јас те молам само едно: Немој да ме одбиеш.” Таа рече: „Зборувај.”
17. А тој продолжи: „Речи му те молам, на царот Соломон, да ми ја даде за жена Сунамката Ависага!”
18. А Витсавеа одговори: „Добро, ќе му зборувам на царот за тебе.”
19. И така кога Витсавеа влезе кај царот Соломон за да зборува за Адониј, царот стана и и тргна во пресрет, се поклони пред неа, потоа седна на својот престол, и заповеда те наместија столица за царицата мајка, и таа седна од неговата десна страна.
20. Тогаш му рече: „Нешто ќе побарам од тебе, немој да одбиеш.” Царот и одговори: „Барај мајко, зашто нема да те одбијам.”
21. Таа продолжи: „Нека му биде дадена на твојот брат за жена Сунамката Ависага.”
22. Царот Соломон одговори и и рече на својата мајка: „Зошто ја бараш Сунамката Ависага за Адониј? Барај веднаш и царство за него! Зашто тој е мој постар брат, а со него се свештеникот Авијатар и Јоав, синот Серуин!”
23. Тогаш царот Соломон се заколна во Господа: „Бог нека ми го направи ова зло и нека ми додаде друго, ако Адониј не го изрече тоа по цена на својот живот!