1 Цареви 18:8-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. Тој му одговори: „Јас сум! Оди и речи му на својот господар: ‘Еве го Илија!’

9. Авдиј му одговори: „Што сум згрешил, та го предаваш својот слуга во рацете на Ахава, за да ме убие?

10. Живиот ми Господ, твојот Бог, нема народ ни царство каде мојот господар не испраќаше да те бараат. И кога му рекоа: ‘Го нема!’ ги заколнуваше царството и народот дека не те најдоа.

11. А сега ми наредуваш: ‘Оди, речи му на својот господар: „Еве го Илија!”‘

12. Ама кога јас ќе си отидам од тебе, Господовиот Дух ќе те однесе не знам каде, а јас ќе дојдам и ќе го известам Ахава. Па кога не ќе те најде, ќе ме убие! А твојот слуга се бои од Господа од својата младост!

13. Зар не му е познато на мојот господар што направив кога Језавела ги погуби Господовите пророци? Скрив сто пророци, по педесет во една пештера, и ги хранев со леб и вода.

14. И сега ти наредуваш: ‘Оди, речи му на својот господар: „Еве го Илија!”‘ Па тој ќе ме убие!”

15. Илија му одговори: „Живиот ми Господ над Воинствата, Кому Му служам, ќе му се покажам уште денес.”

16. Авдиј тргна во пресрет на Ахава и му ја донесе веста, а Ахав тргна во пресрет на Илија.

17. Кога Ахав го здогледа Илија, му рече: „Ти ли си оној што го упропастуваш Израел?”

18. Илија одговори: „Јас не го упропастувам Израел, туку ти и твојот дом, зашто Го оставивте Господа, а ти си следбеник на Ваала.

19. Сега собери го сиот Израел пред мене на гората Кармил и четири стотини и педесет „пророци,” кои јадат покрај трпезата на Језавела.”

20. Ахав ги повика сите Израелеви синови и ги собра пророците на гората Кармил.

21. Илија му пристапи на сиот народ и рече: „До кога ќе кривите на двете страни? Ако е Господ Бог, следете Го; ако е Ваал, следете го него.” А народот не му одговори ништо.

22. Илија продолжи: „Единствено уште јас останав како Господов пророк, а Вааловите пророци се четири стотини и педесет.

23. Дајте ни два јунци. Тие нека си изберат еден за себе, нека го исечат и нека го стават на дрва, ама нека не потклаваат оган.

24. Вие повикајте го името на својот бог, а јас ќе го повикам Гоподовото Име: богот кој ќе одговори со оган е вистински Бог.” Сиот народ одговори: „Добро!”

25. Потоа Илија им рече на Вааловите пророци: „Изберете си за себе еден јунец и почнете, зашто вие сте многу повеќе. Повикајте го името на својот бог, ама не ставајте оган.”

1 Цареви 18