1 Цареви 18:5-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

5. И му рече Ахав на Авдиј: „Ајде, ќе ја обиколиме сета земја, сите извори и сите потоци, можеби ќе најдеме трева за да ги запазиме во живот коњите и мазгите и за да не ни пропадне добитокот.”

6. Ја поделија земјата што ќе ја пребаруваат: Ахав замина сам по еден пат, а Авдиј тргна сам по друг пат.

7. И кога Авдиј беше на пат, ете му го во пресрет Илија; откако го позна, падна ничкум и рече: „Ти ли си тоа, господару Илија!”

8. Тој му одговори: „Јас сум! Оди и речи му на својот господар: ‘Еве го Илија!’

9. Авдиј му одговори: „Што сум згрешил, та го предаваш својот слуга во рацете на Ахава, за да ме убие?

10. Живиот ми Господ, твојот Бог, нема народ ни царство каде мојот господар не испраќаше да те бараат. И кога му рекоа: ‘Го нема!’ ги заколнуваше царството и народот дека не те најдоа.

11. А сега ми наредуваш: ‘Оди, речи му на својот господар: „Еве го Илија!”‘

12. Ама кога јас ќе си отидам од тебе, Господовиот Дух ќе те однесе не знам каде, а јас ќе дојдам и ќе го известам Ахава. Па кога не ќе те најде, ќе ме убие! А твојот слуга се бои од Господа од својата младост!

13. Зар не му е познато на мојот господар што направив кога Језавела ги погуби Господовите пророци? Скрив сто пророци, по педесет во една пештера, и ги хранев со леб и вода.

14. И сега ти наредуваш: ‘Оди, речи му на својот господар: „Еве го Илија!”‘ Па тој ќе ме убие!”

15. Илија му одговори: „Живиот ми Господ над Воинствата, Кому Му служам, ќе му се покажам уште денес.”

16. Авдиј тргна во пресрет на Ахава и му ја донесе веста, а Ахав тргна во пресрет на Илија.

17. Кога Ахав го здогледа Илија, му рече: „Ти ли си оној што го упропастуваш Израел?”

18. Илија одговори: „Јас не го упропастувам Израел, туку ти и твојот дом, зашто Го оставивте Господа, а ти си следбеник на Ваала.

19. Сега собери го сиот Израел пред мене на гората Кармил и четири стотини и педесет „пророци,” кои јадат покрај трпезата на Језавела.”

20. Ахав ги повика сите Израелеви синови и ги собра пророците на гората Кармил.

21. Илија му пристапи на сиот народ и рече: „До кога ќе кривите на двете страни? Ако е Господ Бог, следете Го; ако е Ваал, следете го него.” А народот не му одговори ништо.

22. Илија продолжи: „Единствено уште јас останав како Господов пророк, а Вааловите пророци се четири стотини и педесет.

1 Цареви 18