1 Цареви 18:28-40 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

28. А тие почнаа да викаат уште погласно и да се параат со ножеви и бодила, како што е обичај кај нив, сè додека не ги облеа крв.

29. Кога помина пладне, паднаа во бунило и беснееја сè додека не беше време за да се принесе жртвата; но немаше никаков глас ни одговор ниту знак дека некој ги слуша.

30. Тогаш Илија му рече на сиот народ: „Приближете се кон мене!” И сиот народ му се приближи. Тој го поправи Господовиот жртвеник што беше урнат.

31. Илија зеде дванаесет камења според бројот на племињата на синовите на Јакова, кому Бог му рече: „Твоето име ќе биде Израел!”

32. И му изгради од тие камења жртвеник на Господовото Име, и ископа ров околу жртвеникот, широк за да можат да се посеат две мери пченица.

33. Сложи дрва, го расече јунецот и го стави врз дрвата.

34. Тогаш рече: „Наполнете со вода четири врчви и излејте ги врз паленицата и на дрвата!” Направија така. Им заповеда: „Повторете,” и тие повторија. Тогаш рече: „Направете и по третпат.” Тие така и по третпат.

35. Водата течеше околу жртвеникот и ровот се наполни со вода.

36. Кога беше време за да се принесе вечерната жртва, пророкот Илија пристапи и рече: „Господи, Боже Аврамов, Исаков и Израелев, објави денес дека Ти си Бог во Израел, дека јас сум Твој слуга и дека по Твоја заповед го направив сè ова.

37. Послушај ме, Господи; послушај ме, за да знае сиот овој народ дека Ти, Господ, си Бог и дека Ти ќе ги обратиш нивните срца.”

38. И Господов оган падна и ги голтна паленицата и дрвата, камењата и правот, дури и водата во ровот ја исуши.

39. Сиот народ се исплаши, луѓето паднаа ничкум и рекоа: „Господ е Бог! Господ е Бог!”

40. Илија им рече: „Фатете ги Вааловите пророци, за да не избега ниеден од нив!” И тие ги фатија. Илија ги одведе до потокот Кисон и таму ги погуби.

1 Цареви 18