10. Живиот ми Господ, твојот Бог, нема народ ни царство каде мојот господар не испраќаше да те бараат. И кога му рекоа: ‘Го нема!’ ги заколнуваше царството и народот дека не те најдоа.
11. А сега ми наредуваш: ‘Оди, речи му на својот господар: „Еве го Илија!”‘
12. Ама кога јас ќе си отидам од тебе, Господовиот Дух ќе те однесе не знам каде, а јас ќе дојдам и ќе го известам Ахава. Па кога не ќе те најде, ќе ме убие! А твојот слуга се бои од Господа од својата младост!
13. Зар не му е познато на мојот господар што направив кога Језавела ги погуби Господовите пророци? Скрив сто пророци, по педесет во една пештера, и ги хранев со леб и вода.
14. И сега ти наредуваш: ‘Оди, речи му на својот господар: „Еве го Илија!”‘ Па тој ќе ме убие!”
15. Илија му одговори: „Живиот ми Господ над Воинствата, Кому Му служам, ќе му се покажам уште денес.”
16. Авдиј тргна во пресрет на Ахава и му ја донесе веста, а Ахав тргна во пресрет на Илија.
17. Кога Ахав го здогледа Илија, му рече: „Ти ли си оној што го упропастуваш Израел?”
18. Илија одговори: „Јас не го упропастувам Израел, туку ти и твојот дом, зашто Го оставивте Господа, а ти си следбеник на Ваала.
19. Сега собери го сиот Израел пред мене на гората Кармил и четири стотини и педесет „пророци,” кои јадат покрај трпезата на Језавела.”