1 Цареви 16:23-33 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

23. Во триесет и првата година на Асиното царување со Јудеја, Амриј стана цар на Израел, за дванаесет години. Царуваше шест години во Терса.

24. Тогаш го купи од Семер за два таланти сребро ридот Самарија; изгради град кого го нарече Самарија по името на Семер, сопственикот на ридот.

25. Ама Амриј правеше зло во Господовите очи, и беше полош од своите претходници.

26. Во сè ги следеше Јеровоама, синот Наватов, и неговите гревови, со кои го заведуваше Израел, и го срдеше Господа, Израелевиот Бог, со своите лажни богови.

27. Другата Амриева повест, сè што направил, неговите потфати што ги изведе, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви?

28. Амриј почина со своите татковци, и го погребаа во Самарија. Неговиот син Ахав стана цар место него.

29. Ахав, синот Амриев, стана израелски цар во триесет и осмата година на Асиното царување со Јудеја, и владееше дваесет и две години над Израел во Самарија.

30. Ахав, синот Амриев, правел во Господовите очи повеќе лошо од сите свои претходници.

31. И му беше малку што одеше во гревовите на Јеровоам, синот Наватов, туку уште се ожени со Језавела, ќерката на Етвала, сидонскиот цар, и почна да му служи на Ваала и да му се клања;

32. подигна жртвеник во Вааловиот храм што го беше изградил во Самарија.

33. Ахав подигна и Ашера и направи и други злодела, и Го налути Господа, Израелевиот Бог, повеќе од сите израелски цареви што беа пред него.

1 Цареви 16