15. Господ ќе го удри Израел, па ќе се ниша како трска во водата. Ќе го откорне Израел од оваа добра земја, што им ја даде на нивните татковци, и ќе ги расее од онаа страна на Реката, зашто си направија за себе ашери што го расрдуваат Господа.
16. Ќе го отфрли Израел како буниште, заради гревовите што ги направи Јеровоам и на кои го наведуваше Израел.”
17. Јеровоамовата жена стана и си отиде. Стигна во Терса, а кога преминуваше преку куќниот праг, детето беше мртво.
18. Го закопаа, и сиот Израел го оплака според зборот што Господ го рече преку Својот слуга пророкот Ахиј.
19. Другите Јеровоамови дела, како војуваше и царуваше, тоа е запишано во книжниот свиток Летописи на израелските цареви.
20. Јеровоамовото царување траеше дваесет и две години, потоа Јеровоам почина покрај своите татковци, а неговиот син Надав зацарува место него.
21. Ровоам, синот Соломонов, беше јудејски цар; имаше четириесет и една година кога стана цар, а седумнаесет години царуваше во Ерусалим, во градот што Господ го избра меѓу сите израелски племиња за да го постави таму Своето Име. Мајка му се викаше Нама, а беше Амонка.