23. ”Кажи му на Соломоновиот син Ровоам, на јудејскиот цар и на сиот дом Јудин и Венијаминов, и на другиот народ:
24. Господ вели вака: ‘Не одете да се биете со браќата, со Израелевите деца! Секој нека се врати во својата куќа, зашто ова потекна од Мене.’” И тие го послушаа Господовиот збор, и се вратија како што им рече Господ.
25. Јеровоам го утврди Сихем во Ефремовата Гора, и таму се настани. Потоа излезе оттаму и го утврди Фануил.
26. Јеровоам рече во своето срце: „Сега царството би можело да му се врати на Давидовиот дом.
27. Ако овој народ продолжи да се искачува во Господовиот Дом во Ерусалим за да принесува жртви, срцето на народот ќе му се врати на својот господар, Ровоам, јудејскиот цар, и мене ќе ме убијат.”
28. Откако царот се посоветува, направи две златни телиња и му рече на народот: „Доста одевте во Ерусалим! Еве го, Израелу, твојот бог кој те изведе од Египетската Земја.”
29. Потоа стави едно теле во Ветил, а другото го смести во Дан.
30. Тоа беше згода за грев: народот одеше кај едното во Ветил и кај другото во Дан.
31. И Јеровоам подигна идолопоклонички куќи на високите места и постави свештеници од народот, кои не беа Левиеви синови.
32. Потоа Јеровоам воведе празник во осмиот месец, во петнаесеттиот ден на тој месец, како што е празникот што се слави во Јудеја, и принесе жртва на жртвеникот. Така направи во Ветил, жртвувајќи им на телињата што ги направи. Во Ветил им постави и свештеници на високите места што ги подигна.
33. И принесе жртва на жртвеникот што го направи, во петнаесеттиот ден на осмиот месец; во месецот што сам го избра; и воспостави празник за Израелците и пристапи кон жртвеникот за да покади.