1 Цареви 12:15-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. И така царот не сакаше да го послуша народот, зашто така направи Господ за да се исполни словото што преку Силонецот Ахиј му го рече на Наватовиот син Јеровоам.

16. Кога Израелците видоа дека царот се прави дека не слуша, народот му одговори: „Каков дел имаме ние со Давида? Ние немаме наследство со Јесеевиот син. Во шаторите, Израелу! А сега, Давиде, грижи се за својот дом!” И сиот Израел си отиде под своите шатори.

17. Ровоам завладеа само над Израелевите синови, кои живееја по јудејските градови.

18. Потоа царот Ровоам го испрати Адорама, настојникот за данок, ама Израелците го каменуваа, и тој умре; а царот Ровоам бргу се качи во колата и избега во Ерусалим.

19. Така Израел се оддели од Давидовиот дом сè до денес.

20. Кога Израелците научија дека се вратил Јевровоам, го повикаа во заедницата и го поставија за цар над сиот Израел. Давидовата куќа не ја следеше никој освен самото Јудино племе.

21. Откако дојде во Ерусалим, Ровоам го собра сиот Јудин дом и Венијаминовото племе, сто и осумдесет илјади одбрани војници, за да удрат против Израелевиот дом и да му го вратат царството на Ровоама, Соломоновиот син.

22. Но му дојде Божјо слово на Божјиот човек Семеј:

23. ”Кажи му на Соломоновиот син Ровоам, на јудејскиот цар и на сиот дом Јудин и Венијаминов, и на другиот народ:

24. Господ вели вака: ‘Не одете да се биете со браќата, со Израелевите деца! Секој нека се врати во својата куќа, зашто ова потекна од Мене.’” И тие го послушаа Господовиот збор, и се вратија како што им рече Господ.

25. Јеровоам го утврди Сихем во Ефремовата Гора, и таму се настани. Потоа излезе оттаму и го утврди Фануил.

26. Јеровоам рече во своето срце: „Сега царството би можело да му се врати на Давидовиот дом.

27. Ако овој народ продолжи да се искачува во Господовиот Дом во Ерусалим за да принесува жртви, срцето на народот ќе му се врати на својот господар, Ровоам, јудејскиот цар, и мене ќе ме убијат.”

1 Цареви 12