1 Цареви 10:21-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

21. Сите садови од кои што пиеше царот Соломон беа златни, и сите посатки во куќата од Ливанските дрва беа од чисто злато; ништо не беше од сребро, зашто среброто се сметаше за безвредно во Соломоновото време.

22. Царот имаше тарсиски бродови на море заедно со Хирамовите бродови, и во секоја трета година тарсиските бродови доаѓаа, донесувајки злато, сребро и слонова коска, мајмуни и пауни.

23. Така царот Соломон ги надмина сите земни цареви со богатство и со мудрост.

24. Сиот свет сакаше да го види Соломона и да ја чуе мудроста што Бог му ја всади во срцето.

25. Секој му донесуваше подарок: сребрени и златни посатки, облеки, оружје, мириси, коњи и мазги, од година во година.

26. Покрај тоа Соломон собра бојни коли и коњаници; имаше илјада и четири стотини бојни коли и дванаесет илјади коњи, и ги распореди по градовите на бојните коли и кај царот во Ерусалим.

27. Соломон направи да има во Ерусалим сребро како камења, а кедри како диви смокви што растат во Сефела.

28. Соломон внесуваше коњи од Мусрија и од Кое: царевите набавувачи ги донесуваа од Кое за одредена цена.

29. Колите ги довезуваа од Египет по шест стотини сребрени шекели; а коњот се плаќаше по сто и педесет. Така преку набавувачите, хетитските и арамејските цареви го добиваа сè тоа.

1 Цареви 10