8. Ама свештеникот Садок и Јодаевиот син Венаја, пророкот Натан, и Симеј и Реј, и Давидовите јунаци, не му пристапија на Адониј.
9. Еднаш Адониј закла овци, волови и згоени телиња за жртва кај Зоелетскиот Камен, близу изворот Рогил, та ги повика сите свои браќа, царевите синови, и сите Јудејци во царева служба;
10. но не го повика пророкот Натан, ни другите јунаци, а ни својот брат Соломон.
11. Тогаш Натан и рече на Витсавеа, на Соломоновата мајка: „Зар не чу дека Адониј, синот Агитин, стана цар, а нашиот господар, Давид за тоа и да не знае?
12. Дојди да те посоветувам како би можела да го спасиш својот живот и животот на својот син Соломон.
13. Ајде, оди кај цар Давида и речи му: ‘Зар ти, господару мој цару, не и се заколна на својата слугинка, велејќи: „Твојот син Соломон ќе царува по мене, и тој ќе седи на мојот престол!” Како сега Адониј стана цар?’
14. И додека ти бидеш таму и разговараш со царот, ќе дојдам јас по тебе и ќе ги потврдам твоите зборови.”
15. Витсавеа отиде кај царот во собите - а тој беше многу стар, и Сунамката Ависага му служеше.
16. Витсавеа му се поклони и падна ничкум пред царот, а царот праша: „Што сакаш?”
17. Таа му одговори: „Господару, ти и се заколна на својата слугинка во Господа, својот Бог: ‘Твојот син Соломон ќе царува по мене, тој ќе седне на мојот престол.’
18. А еве, сега, Адониј стана цар, а ти цару, господару мој, ништо за тоа и не знаеш!
19. Тој закла многу волови, згоени телиња и овци за жртва и ги повика сите царски синови, свештеникот Авијатар и војсководачот Јоав, но твојот слуга Соломон не го повика.