1 Цареви 1:35-49 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

35. Потоа искачете се со него ваму, и нека влезе и нека седне на мојот престол, и нека царува место мене, зашто моја волја е: тој нека биде глава над Израел и над Јуда.”

36. Венаја, синот Јодаев, му рече на царот: „Амин - така нека биде! Тоа е и слово на Господа, Господарот на царевите!

37. Како што Господ беше со мојот господар цар, така нека биде и со Соломон! Нека го возвиши неговиот престол уште повеќе отколку престолот на цар Давид, на мојот господар!”

38. Свештеникот Садок, пророкот Натан, Јодаевиот син Венаја, Херетејците и Фелетејците слегоа и го ставија Соломона на царевата мазга, и го одведоа во Гион.

39. Свештеникот Садок донесе од Шаторот рог со масло и го помаза Соломона. Тогаш екнаа трубите, и сиот народ извика: „Да живее цар Соломон!”

40. И сиот народ тргна по него горе, и народот свиреше во свирки и воскликнуваше, така што се тресеше сета земја.

41. Адониј и сите негови повиканици го чуја тоа. Токму беа на крајот на гозбата. И Јоав ги чу трубите, па праша: „Зошто е таа врева во градот?”

42. Додека тој уште зборуваше, стигна Јонатан, синот на свештеникот Авијатар, и Адониј му рече: „Ти си добар човек, навистина носиш добра вест!”

43. Јонатан одговори: „Да, нашиот господар, цар Давид, го направи Соломона цар!

44. Царот ги испрати со него свештеникот Садок, пророкот Натан, и Јодаевиот син Венаја, и Херетејците и Фелетејците. Тие го ставија на царевата мазга,

45. и свештеникот Садок и пророкот Натан го помазаа на Гион за цар. Потоа слегоа воскликнувајќи радосно, и сиот град зовре; тоа е вревата што ја чувте.

46. Уште повеќе: Соломон веќе седна на царскиот престол,

47. и дојдоа царските слуги да му честитаат на нашиот господар цар Давид, велејќи: ‘Твојот Бог нека го прослави Соломоновото име повеќе од твоето име и нека го возвиши неговиот престол повеќе од твојот.’ Царот тогаш се поклони во својата постела

48. и рече вака: ‘Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој ми даде денес да можам да видам со свои очи еден од моите како што седи на мојот престол.’”

49. Сите Адониеви гости, исплашени, станаа од столот и си отидоа секој по својот пат.

1 Цареви 1