15. Витсавеа отиде кај царот во собите - а тој беше многу стар, и Сунамката Ависага му служеше.
16. Витсавеа му се поклони и падна ничкум пред царот, а царот праша: „Што сакаш?”
17. Таа му одговори: „Господару, ти и се заколна на својата слугинка во Господа, својот Бог: ‘Твојот син Соломон ќе царува по мене, тој ќе седне на мојот престол.’
18. А еве, сега, Адониј стана цар, а ти цару, господару мој, ништо за тоа и не знаеш!
19. Тој закла многу волови, згоени телиња и овци за жртва и ги повика сите царски синови, свештеникот Авијатар и војсководачот Јоав, но твојот слуга Соломон не го повика.
20. Сега, господару мој и цару, свртени се кон тебе очите на сиот Израел, за да го известиш кој ќе те наследи на твојот престол, цару, господару мој.
21. Инаку, штом почине царот, мојот господар, покрај своите татковци, јас и мојот син Соломон ќе бидеме виновници.”
22. Додека таа уште зборуваше со царот, дојде пророкот Натан.
23. Му јавија на царот: „Тука е пророкот Натан.” Тој влезе кај царот и падна ничкум пред него.
24. Натан рече: „Господару мој и цару, дали ти одреди: ‘Адониј ќе царува по мене и ќе седи на мојот престол?’
25. Зашто еве денес закла волови, згоени телиња и овци за жртва, и ги повика сите царски синови, војсководачи и свештеникот Авијатар; ене ги каде јадат и пијат со него и воскликнуваат: ‘Да живее царот Адониј!’
26. Но мене, твојот слуга, свештеникот Садок, а ни Венаја, синот Јодаев, ни твојот слуга Соломон не нè повика.