1 Самоилова 8:8-22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. Сè што Ми правеа Мене, од оној ден кога ги изведов од Египет па до денешниот ден - Ме оставија Мене и им служеа на туѓи богови - тие ти прават така и тебе.

9. И така, сега послушај го нивното барање, но опомени ги свечено и поучи ги за правата на царот, кој ќе владее над нив.”

10. Самоил му ги повтори сите Господови зборови на народот, кој бараше цар од него.

11. И рече: „Ова ќе биде правото на царот кој ќе царува над вас: ќе ги зема вашите синови за да му служат кај бојните коли и кај коњите, и тие ќе трчаат пред неговите бојни коли.

12. Ќе ги поставува за илјадници за педесетници; тие ќе ја ораат неговата земја, ќе ја жнијат неговата жетва, ќе му изработуваат бојно оружје и опрема за неговите бојни коли.

13. Царот ќе ги зема вашите ќерки за да му прават мирисливи масти, да бидат готвачки и пекарки.

14. Ќе ги земе вашите најдобри ниви, вашите лозја и вашите градини со маслинки и ќе им ги подарува на своите дворјани.

15. Ќе зема десеток од вашите посеви и од вашите лозја и ќе им го дава на своите дворјани и на своите службеници.

16. Ќе ги зема вашите слуги и вашите слугинки и вашите најдобри волови и ослиња, и ќе ги употребува за своја работа.

17. Ќе зема десеток од вашиот ситен добиток, а вие самите ќе му станете робови.

18. И кога еден ден ќе викате за помош заради царот, кого што го избравте сами, Господ нема да ве послуша во оној ден!”

19. Народот не сакаше да го послуша Самоиловиот глас, туку рече: „Не! Сакаме цар да владее над нас!

20. Така и ние ќе бидеме како сите народи: ќе ни суди наш цар, ќе ни биде водач и ќе ги води нашите војни.”

21. Кога Самоил чу што зборува народот, Му кажа сè на Господа.

22. А Господ му рече на Самоила: „Послушај ја нивната желба и постави им цар!” Тогаш Самоил им рече на Израелците: „Вратете се секој во својот град!”

1 Самоилова 8