4. Тие прашаа: „Каква надоместница треба да Му испратиме?” Тие одговорија: „Според бројот на Филистејските кнезови пет златни чиреви и пет златни стаорци, зашто е иста неволја и на вас и на вашите кнезови.
5. И така, направете слики на своите чиреви и слики на своите стаорци, што ви ја сотруваат земјата, и дајте Му слава на Израелевиот Бог. Можеби ќе ја тргне Својата рака од вас, од вашите богови и од вашата земја.
6. Зошто сакате да ви окорави срцето, како што им беше окоравено на Египетците и на фараонот? Кога Бог ги притисна, не ги пуштија ли тогаш да си одат?
7. Подгответе сега една нова кола и земете две крави доилки, што уште не носеле јарем: впрегнете ги кравите во колата, а нивните телиња одведете ги назад во стајата.
8. Тогаш ќе го земете Господовиот Ковчег и ќе го ставите во колата. Златните предмети што Му ги принесувате како жртва за престап ќе ги сложите во ковчеже покрај него, и така нека тргне.
9. Потоа гледајте: ако тргне кон својот крај, по патот кон Вет Семес, тогаш е очигледно дека Тој ни го задаваше ова големо зло; ако не тргне така, ќе знаеме дека не нè удрила Неговата рака, туку дека тоа ни стана случајно.”
10. Луѓето направија така: зедоа две крави доилки и ги впрегнаа во колата, а нивните телиња ги задржаа во стајата.
11. Господовиот Ковчег го ставија на колата, и ковчежето со златните стаорци и со ликовите на своите чиреви.
12. Кравите удрија право по патот кон Вет Семес, и еднакво одеа по истиот пат, мукаа одејќи, а не свртуваа ни десно ни лево. Филистејските кнезови ги придружуваа до границата на Вет Семес.